Глумицата Обри Плаза проговори за смртта на својот сопруг Џеф Баена во интервју објавено во вторник, што е првпат да зборува подетално за загубата, пренесува Ен-би-си њуз.
Во разговор со својата поранешна колешка од серијата „Паркови и рекреација“ (Parks and Recreation), Ејми Полер, во нејзиниот нов поткаст „Good Hang“, 41-годишната актерка од „Белиот лотос“ (White Lotus) изјави дека тагата е како „огромен океан на ужас што секогаш е тука“.
„Го гледам тоа. И понекогаш само сакам да нурнам во тоа и едноставно да бидам таму. А потоа понекогаш само гледам во тоа. А некогаш само се обидувам да побегнам од тоа. Но, секогаш е тука. Едноставно е секогаш тука“, вели Плаза.
Плаза ја спореди својата тага и со сцена од хорор филмот за вонземјани „Клисура“ (The Gorge), во кој играат Мајлс Телор и Ања Тејлор-Џој, а премиерно беше прикажан во февруари.
„Од едната страна е карпа, од другата страна е карпа, а меѓу нив е клисура полна со чудовишта што се обидуваат да те зграпчат. И се колнам, кога го гледав тоа, си помислив: ‘Вака изгледа мојата тага‘“, вели актерката.
Таа и Баена се венчаа во 2021 година. Работеа заедно на неколку филмови, меѓу кои и „Живот после Бет“ (Life After Beth) од 2014 година, за кој Баена го напиша сценариото и ја режираше, а Плаза ја имаше главната улога.
По неговата смрт, даде неколку јавни изјави и настапи, нарекувајќи ја неговата смрт „незамислива трагедија“.
Полер во првите 15 минути од епизодата се осврна на смртта на Баена, прашувајќи ја: „Во име на сите луѓе што мислат дека те познаваат и оние што навистина те познаваат, како се чувствуваш денес?“.
„Во овој многу тежок момент, среќна сум што сум со тебе. Севкупно, тука сум и функционирам. Се чувствувам навистина благодарна што се движам низ светот. Мислам дека сум добро, но тоа е очигледно секојдневна борба“, одговори Плаза.
Од улогата во „Белиот лотос“, Плаза стана едно од најпрепознатливите лица во Холивуд. Во својата кариера доби неколку номинации за Еми и Златен глобус, вклучително и за втората сезона на „Белиот лотос“. Во 2023 година, списанието „Тајм“ ја прогласи за една од 100-те највлијателни личности во светот