Словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ отсекогаш важел за скромна личност, секогаш подготвен да им угоди на сите своите обожаватели, а тоа го потврди уште еднаш откако двајца обожаватели од Италија го сретнале на бензинска пумпа во Словенија.
Дончиќ се подготвува за Евробаскет со словенечката репрезентација, а повредата што ја заработи за време на подготовките не би требало да биде посериозна.
Покрај подготовките, кои се навистина напорни, тој наоѓа време да ужива и со своите пријатели во татковината, а за време на едно „обично“ кафе, обожавателите од Италија го сретнале и се изненадиле од неговата скромност.
Според нивните тврдења, Дончиќ стоел на шанкот во влечки и пиел кафе на бензинската пумпа. Имал време за сè, па се фотографирал со нив.
„Утрово, словенечка бензинска пумпа. Влегуваме со еден пријател да купиме пиво. На шанкот стои еден многу висок човек во влечки. Пие кафе. Со друг маж е. Погледнав подобро, тоа беше Дончиќ. Речиси не го препознав со 15 килограми помалку, толку е извајан. Го повикав и тој се насмевна, ми мавна да излезам“, вели Италијанецот Габриеле Габатели, кој го сретнал на бензинската пумпа и додаде:
„Ме поздрави мене и моите пријатели на паркингот, се фотографираше со сите. Вели дека повредата не му е сериозна и дека е возбуден за Евробаскетот. Нè поздрави на италијански „ciao“ и си отиде. Животот е навистина чуден. Еден ден тренираш со Лејкерси во Лос Анџелес, а потоа одиш во твојата вила во Беверли Хилс, а следниот ден си во влечки на бензинска пумпа и разговараш со непознати Италијанци“.
За среќа на Словенците, повредата што Дончиќ ја заработи на пријателскиот натпревар не е сериозна и ќе биде подготвен за Евробаскетот.