[ВИДЕО] Поранешен шеф на ФБИ: „Јас сум „Свифти“, нејзината музика ми помага да го преживеам Доналд Трамп“

Точка

19/08/2025

18:09

295

Големина на фонт

а а а

Поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми (63), познат како еден од најжестоките критичари на Доналд Трамп, во нова објава откри дека има свој нов „механизам за преживување“ против американскиот претседател. Имено, Коми ја слуша Тејлор Свифт и се обидува да ја следи нејзината животна филозофија.

Коми, кој самиот себе се опишува како „Свифти“, изјавил дека често го мачи прашањето како да му се спротивстави на Трамп и неговите настапи, а притоа да не го изгуби сопствениот мир. Вели дека инспирација пронаоѓа во зборовите на поп-ѕвездата.

Тој ја цитирал нејзината изјава за „хејтерите“

„Додека нашиот претседател, со лице прекриено со пудра, објавува на интернет дека Тејлор Свифт повеќе не му е привлечна, што прави таа? Го живее својот најдобар живот, создава одлична музика и, како што нè посоветува во еден подкаст, не им дава на кретените моќ над своите мисли,“ изјавил Коми во видео на својот „Substack“.

Особено го допрела мислата на Свифт за интернет-троловите:

„Замисли дека твојата енергија е скапоцена и внимавај на што ја трошиш,“ ги цитирал нејзините зборови.

Трамп на почетокот на месецов изјави дека Свифт „веќе не е згодна“, споредувајќи ја со актерката Сидни Свини. Не е тајна дека поранешниот претседател е отворено против пејачката, која во 2020 година го поддржа Џо Бајден, а и во актуелниот изборен циклус застана зад Камала Харис. Уште минатата година Трамп изјави: „Ја мразам Тејлор Свифт.“

„Не сакам да се спуштам на неговото ниво“

Коми, кој во 2017 година бил отпуштен од местото директор на ФБИ и оттогаш станал еден од најжестоките критичари на Доналд Трамп, тврди дека нејзината музика ја слуша веќе со години. „На нејзиниот прв концерт бев пред 15 години. Помогнав да се финансираат карти за семејството и пријателите, а имаме и семеен ‘Свифти’ групен чат. Ги знам сите нејзини песни,“ се пофалил тој, додавајќи дека негови најомилени песни се „All Too Well“и „Exile“.

Поранешниот шеф на ФБИ објаснил дека му е тешко да ја пронајде границата меѓу исмевање на Трамп и спуштање на неговото ниво. „Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, често му се потсмева на социјалните мрежи и тоа ми е духовито, но понекогаш се прашувам – дали и ние сакаме да станеме како него и неговите следбеници? Мислам дека во Америка има многу повеќе пристојни и чесни луѓе отколку злобни.“


На крајот ѝ се заблагодарил

Коми на крајот заклучил дека Свифт го учи да покаже милост, дури и кон оние што се злобни. Се присетил и на концертот во Конектикат кога пејачката ги отпеа стиховите: „Зошто мораш да бидеш толку злобен? Се колнам дека и тебе некогаш те турнале, дека те направиле ладен, но тој круг завршува сега.“

„Никој не треба да има моќ над нас. Ти благодарам, Тејлор Свифт,“ завршил Коми.