[ВИДЕО] Сесилија 10 години живее во близина на Северниот Пол: „Поради поларните мечки секогаш носиме пушки“

Точка

11/08/2025

14:54

700

Големина на фонт

а а а

Сесилија Блумдал веќе десет години живее на Свалбард, норвешки архипелаг сместен помеѓу Норвешка и Северниот Пол, каде што три месеци годишно е целосно без сончева светлина. Иако првично планирала да остане само три месеци, нејзината авантура се претворила во трајно преселување.

Со своите следбеници на ТикТок секојдневно споделува снимки од својот необичен живот, а публиката ги обожава. Но, зад идиличните зимски сцени се крие и вистинска опасност – поларните мечки.

Пушката секогаш е со неа

Блумдал неодамна открила дека речиси секогаш со себе носи пушка. Како што вели, „не е необично поларни мечки да провалуваат во оддалечени колиби“, а неодамна една била забележана многу близу до самиот град.

„Пушката е задолжителна за заштита од поларната мечка“, рекла Сесилија и додала дека никогаш не морала да ја употреби.



Сепак, таа и сопругот секогаш имаат пушка при рака, иако во поголемиот дел од ситуациите повеќе преферираат да користат пиштол со бенгалки, кој со гласен звук и блесок на светлина обично ја плаши мечката и ја тера да се повлече.

Оружјето се издава со посебна дозвола

Во самиот град оружје не е дозволено и јасно е истакнато дека смее да се користи исклучиво во ситуации кои го загрозуваат животот.

Во официјално соопштение од 2024 година, Канцеларијата на гувернерот на Свалбард појасни дека е строго забрането внесување наполнето оружје во продавници и јавни објекти во Лонгирбјен, главното населено место на архипелагот. Иако не е законска обврска да се поседува оружје, секој што престојува надвор од населеното место мора да биде подготвен за можна средба со мечка. Оружјето се издава со посебна дозвола и тоа исклучиво преку канцеларијата на гувернерот.

Иако ваквите средби се ретки, поларните мечки сè уште претставуваат реална закана. Во една неодамнешна објава, Сесилија споделила приказна од радиостаницата Исфјорд, каде една мечка провалила во магацин со алкохол, испила црвено вино и се обидела да побегне низ мал прозорец, оставајќи траги од црвено вино низ целата просторија.


Бизарен закон кој е на сила 75 години

Освен мечките, Лонгирбјен е познат и по уште една необичност – во тој град е забрането да се умре.

Звучи како шега, но законот од 1950 година сè уште е во сила. Поради екстремно ниските температури, телата во пермафростот не можат нормално да се разградуваат и претставуваат опасност за здравјето. Затоа, тешко болните жители се префрлаат на копно – било на лекување, било за последен починок.

Живот во темнина

Свалбард е едно од најнаселените северни места во светот, а она што го прави посебно е Поларната ноќ – период кога Сонцето не излегува над хоризонтот, односно ноќта трае 24 часа. Овој феномен трае од средината на ноември до крајот на јануари.


Блумдал го опишала ова искуство како „живот во бајка“, благодарение на ѕвезденото небо, поларната светлина и средбите со локалните ирваси. Но, признава дека долгите месеци во темнина имаат и свои негативни страни.

Неодамна зборувала за тоа како трите месеци мрак влијаат врз нејзиното тело. „Дефинитивно чувствувам промени. Можеби сум поуморна, се движам со поинакво темпо“, рекла, додавајќи: „Будењето со позитивен став кон сè што носи денот е пресудно за менталното здравје.“


Освен Поларната ноќ, жителите на Свалбард имаат и Поларни денови, кога четири месеци по ред живеат 24 часа под дневна светлина. Од овие два екстрема, Блумдал признава дека Поларната ноќ ѝ е полесна.

„Кога ги споредувам тие два периода, многу полесно ми е да живеам во Поларната ноќ отколку во постојана дневна светлина“, признала таа.