Нов ресторан во Сан Франциско морал трајно да ги затвори вратите откако главниот готвач вербално ја нападнал и понижил тикток инфлуенсерката поради, според неговото мислење, премал број на следбеници.
Инцидентот стана вирален, а последиците беа брзи и фатални за бизнисот.
Тиктокерката Карла, позната под прекарот „@itskarlabb“, пред инцидентот имала околу 15.000 следбеници. Откако во видео ја споделила својата непријатна ситуација, нејзиниот профил експлодирал, па денес брои над 300.000 следбеници, додека ресторанот во меѓувреме престанал со работа.
Во видеото објавено на 23 јули, Карла, која се занимава со рецензирање на храна во областа на Сан Франциско, објаснила како договорила соработка со винскиот бар „Kis Cafe“ за да го промовира. Меѓутоа, соработката тргнала во сосема погрешна насока.
Вербален судир поради бројот на следбеници
Карла раскажала дека седела на шанкот кога го слушнала готвачот, на само неколку метри од неа, како им зборува на вработените дека нејзината покана за рекламирање била грешка поради премалиот број на следбеници.
„Овој тип (готвачот) не е задоволен поради тоа. Зборува дека имам премалку следбеници и дека тоа била грешка … Му зборува на шефот дека не требало да ме поканат и дека тоа било грешка“, прераскажала Карла.
„Во тој момент поцрвенев од срам бидејќи ми беше многу непријатно и навистина се чувствував понижена.“
Кога готвачот конечно ѝ се обратил, бил крајно арогантен.
„Веднаш ми рече: ’Дали направивте истражување за овој ресторан? Дали знаете што правиме? Дали знаете кои сме ние?‘“, рекла Карла. Иако му потврдила дека направила истражување, тој ѝ се насмеал и ѝ рекол дека „не истражувала“.
Ситуацијата ескалирала кога готвачот го пронашол нејзиниот „TikTok“ профил на својот телефон, почнал да ги пушта нејзините видеа и да коментира дека нејзината содржина „не е на нивото на кое тој сака неговиот ресторан да биде претставен“.
„Продолжи да зборува дека мојата публика и моите следбеници не се тип на луѓе што ќе дојдат во неговиот ресторан“, додала таа, објаснувајќи дека со тоа алудирал дека нејзините следбеници не можат да си дозволат вечера во неговиот локал.
Врвот бил кога ја прашал: „Да не бидам сноб, но дали знаете кој сум јас?“
Откако се пофалил со номинацијата за престижната кулинарска награда „James Beard“ и дека неговата ќерка има 600.000 следбеници, Карла во солзи го напуштила ресторанот.
Ресторанот затворен поради протести на интернет
Видеото на Карла стана вирално со молскавична брзина – за кратко време собра над 21 милион прегледи. Привлече внимание и на познати личности, како водителката на поткастот „Call Her Daddy“, Алекс Купер, која порачала: „Ние, твојата публика, никогаш нема да вечераме во „Kis Cafe“.
Иако Карла не го именувала ресторанот, корисниците на интернет брзо го идентификувале. „Kis Cafe“ набргу бил преплавен со негативни рецензии. Како одговор, ресторанот на „Instagram“ објавил официјална изјава во која се извинил и открил дека готвачот е Лук Сунга, двапати номиниран за наградата „James Beard“.
„Однесувањето на нашиот готвач беше неприфатливо и тој повеќе не е дел од тимот како сопственик, готвач или на кој било друг начин“, стоело во објавата.
Тие потврдиле дека „наскоро ќе се затворат и реструктурираат“, појаснувајќи дека Сунга не добил отказ, туку сам заминал. Два дена подоцна, објавиле и извинување од Сунга.
„Карла – искрено ми е жал за моите постапки кон тебе“, напишал тој. „Бев непријатен и застрашувачки. Не заслужуваше да се чувствуваш помалку вредна или неважна, никој не го заслужува тоа.“
Набргу потоа, на „Instagram“ профилот на ресторанот се појавил натпис: „Трајно затворен“.
Карла во ново видео им се заблагодарила на сите за огромната поддршка, а пофалби добила и од други познати инфлуенсерки како Тана Монгеј и Триша Пејтас, кои ја пофалиле нејзината содржина и храброста да застане во своја одбрана.