Слика на Салвадор Дали, купена на распродажба во Велика Британија за само 150 фунти (околу 175 евра), е потврдена како оригинално дело на славниот уметник и проценета на вредност до 30.000 фунти (околу 35.000 евра).
Трговец со уметнички дела, кој сакал да остане анонимен, ја препознал вредноста на делото изработено во мешана техника, кое го открил на распродажба на куќи во Кембриџ во 2023 година. Подоцна било откриено дека истото дело веќе било понудено на продажба во аукциската куќа „Сотби“ во деведесеттите години и тогаш целосно му било припишано на Дали.
Сликата ќе биде повторно понудена на аукција на 23 октомври, во аукциската куќа „Чефинс“ од Кембриџшир.
Габриел Дауни, соработничка во куќата „Чефинс“, изјави: „Губењето на атрибуцијата е прилично ретко во модерниот свет на уметноста, што го прави ова откритие значајно за познавачите на делото на Дали. Повторното откривање на дело од еден од најпознатите уметници во светот и кумот на надреализмот е вистинска чест“.
Таа додаде дека процесот на потврдување на автентичноста бил возбудлив, а самата способност на продавачот да ја препознае вредноста на сликата на обична распродажба зборува за неговото знаење и искуство.
„Иако делата на Дали често се меѓу најпрепознатливите, ова е невообичаено парче кое покажува поинаква страна од неговата работа со акварел“, вели Дауни.
Уметничкото дело го носи насловот „Стар султан“ (Vecchio Sultano) и илустрира сцена од збирката приказни „Илјада и една ноќ“. Станува збор за дел од планирана серија од 500 илустрации кои Дали сакал да ги создаде инспириран од блискоисточни народни приказни. Серијата била нарачана од богатиот италијански брачен пар Џузепе и Мара Албарето, долгогодишни покровители на Дали.
Делото е изработено во техника акварел и фломастер, со димензии 38 x 29 см. Автентичноста ја потврдил холандскиот експерт за Дали, Николас Дешарн, а предаукциската проценка изнесува од 20.000 до 30.000 фунти (од 23.500 до 35.000 евра).