Во свет полн со нечовечност и рамнодушност, едно осумгодишно момче од Бристол нè потсети на вистинската вредност на нежноста, грижата и пријателството кое не познава граници, па дури ни видови.
Малиот Џо Грифин, на само осум години, покажа повеќе емпатија од многу возрасни. Кога пред три месеци наишол на седум напуштени пајчиња, не можел а да не биде трогнат. Заедно со неговата мајка, Кристина, им изградил мал дом – ограден простор со базен, каде што пајчињата можеле безбедно да растат, пренесува „Њузфлер“.
Џо ги хранел секој ден, ги носел во раце, си играл и разговарал со нив. Планирал да ги пушти во блискиот каменолом кога ќе пораснат, но природата имала други планови.
Пајчињата толку го засакале својот мал спасител што повеќе не можеле да бидат одвоени од него. Го следеле каде и да оди – дури и на училиште! Секое утро, Џо тргнува на пат до своето училиште, а го следат седум лојални, пердувести пријателчиња во уредна колона. Неговата секојадневна „поворка на пајчиња“ веќе стана омилена во соседството. Луѓето ги поздравуваат со насмевки и често застануваат да ја фотографираат оваа необична сцена.
„Не очекувавме ова да се случи“, искрено признава мајката на Џо. „Но, Џо е среќен, а пајчињата изгледаат уште посреќни. И кој би можел да ги раздели?“
Во време кога многу односи се распаѓаат поради тривијални работи, ова нежно пријателство помеѓу едно момче и неговите пердувести другари докажува дека љубовта и довербата не бараат зборови. Планот да се пуштат во дивината е заменет со врска што, сосема спонтано, ја создала природата.
Можеби еден ден пајчињата ќе одлетаат сами. Но, едно е сигурно – тие никогаш нема да заборават кој ги научил што значи да се биде сакан.