[ВИДЕО] Македонецот кој спречи терористички напад во авион: „Реагирав инстинктивно“

Макфакс

28/07/2025

23:14

2.126

Големина на фонт

а а а

На летот од Лондон до Глазгов се случи инцидент, откако еден од патниците извика дека има бомба, со слогани „Смрт за Америка, смрт за Трамп“ и „Алах акбар“. Патникот кој се закани дека ќе постави бомба беше совладан од Зоран Настески, по потекло од Македонија и Србија, кој живее во Велика Британија.

Настески го собори човекот на подот за време на летот и го држеше до слетувањето, кога го презеде шкотската полиција. Во меѓувреме, во Велика Британија е започната истрага за терористичкиот напад. Индискиот „Јутуб“ канал „НДТВ“ објави видео од инцидентот, на кое се гледа моментот кога Настески совладува патник кој извикува дека има бомба и го навредува американскиот претседател Доналд Трамп.

„Вчера наутро тргнав на одмор во Глазгов. Десет минути пред слетувањето, еден човек помина покрај мене држејќи кафе и телефон во рацете. На почетокот се плашев дека ќе ми истури топло кафе, па се засолнив. Потоа почна да вика дека има бомба и дека ќе го собори авионот, за да докаже дека политиката на Трамп е погрешна“, вели Настески, пренесува „Телеграф.рс“.

Патниците паничеа, додаде Настески, децата врескаа, а екипажот беше видливо вознемирен.

„Само реагирав инстинктивно, сакав да ги заштитам другите. Станав, го соборив, му го зедов телефонот и го држев за раце додека не слетавме. Набрзо ми помогна друг патник, не сум сигурен дали беше Англичанец или Шкотланѓанец“, рече Настески.


По слетувањето на аеродромот, пожарникарите и полицијата дојдоа на пистата и уапсија 41-годишен маж. Целиот настан го снимила патничка. Видеото набрзо станало вирално на социјалните мрежи.

По десет години работа во Велика Британија, Настески планира да се пресели со својата партнерка во Србија, каде што има семејни корени. Неговиот татко е Македонец, роден во Скопје, а неговата мајка е Србинка.

„Се селам во Белград затоа што ја запознав најпрекрасната жена на светот, Сандра“, рече Настески.

Авиокомпанијата „Изи џет“ објави дека човекот што го предизвикал инцидентот бил уапсен веднаш по слетувањето во Глазгов и дека персоналот на авионот бил обучен да се справува со вакви ситуации, за да не биде доведена во прашање безбедноста на сите во авионот.