Споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето, кој беше отстранет од пред комплексот судови, е поставен на кружниот тек во Автокоманда.
„Со поставувањето на спомен обележјето во чест на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето, оддаваме признание за неговиот неуморен дух и саможртва во борбата за слободна и независна Македонија.
Андон Лазов Ќосето, познат по својата борбеност и непокор, е симбол на македонската историја и еден од истакнатите учесници во Илинденското востание. Неговата улога во револуционерното движење е од непроценливо значење за денешната слобода и независност на нашата држава“, објави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Споменикот претходно беше поставен пред комплексот судови, а беше отстранет од претходникот на Арсовска, Петре Шилегов.
Со поставувањето на спомен обележјето во чест на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето, оддаваме...
Posted by Danela Arsovska on Sunday, July 27, 2025
Арсовска во 2023 година информира дека доставила иницијатива до Советот на Град Скопје за повторно поставување на спомен-обележјето на македонскиот револуционер Ќосето, на нова локација, кај хотелот „Континентал“ односно на крстосницата помеѓу булеварот Александар Македонски и булеварот Беласица.
Споменикот на контроверзниот Андон Лазов-Ќосето (1855-1953), беше поставен пред судовите во 2014, кога градоначалникот беше Коце Трајановски. Ќосето е еден од петте споменици кои Град Скопје ги доби како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин. По доаѓањето на функција на ексградоначалникот Петре Шилегов споменикот беше отстранет оти било утврдено дека е дивоградба, односно нема решение за негово поставување.
Откако беше тргнат, споменикот беше однесен во магацин на „Металски завод-Тито“ во Скопје. На неговото место беше засадено дрво гинко, посветено на човековите права со изгравирана плочка донирана од збратимениот град Нирнберг, на која е испишан текстот од членот 10 од Декларацијата за човекови права на Обединетите нации.
Тој член гласи: „Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него“.