Русија: Сведоци сме на враќање на нацизмот на Западот

Макфакс

29/07/2025

08:13

1.075

Големина на фонт

а а а

Сведоци сме на враќање на нацизмот на Западот, а Русија сама води борба против целиот тој регион, тврди рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, пренесува „Њузвик“.

„Досега – дури и за време на Студената војна – постоеше дијалог, што им овозможуваше на спротивставените блокови подобро да ги разберат намерите на другата страна, со главна цел да се спречи голема војна“, изјави Лавров на Националниот образовен младински форум Terra Scientia, пренесе руската државна новинска агенција ТАСС.

„Меѓутоа, Европа го изгуби тој инстинкт, а исто така, вакцината против нацизмот почна да слабее.“

Рускиот претседател Владимир Путин повеќепати го наведуваше наводниот неонацизам во Украина како една од причините за напдот врз земјата во февруари 2022 година, кој сè уште трае.

„Силите кои во минатото сакаа да ја уништат Русија повторно се раѓаат во Европа и сега за своја ударна точка ја избраа Украина, безрезервно одобрувајќи сè што таа прави“, рече рускиот министер за надворешни работи.

Тој додаде дека овој конфликт се разликува од Првата и Втората светска војна затоа што Русија „нема сојузници на бојното поле“. „Мораме да се потпреме на себе и нема место за слабост“, нагласи Лавров. „Мислам дека секој ден можеме да видиме како Европејците навистина сакаат да ја поразат Русија“, додаде тој.

Трамп вчера изјави дека ќе го скрати 50-дневниот рок што претходно ѝ го даде на Русија за постигнување прекин на огнот, во спротивно ќе се соочи со санкции.

„Многу сум разочаран. Разочаран сум од претседателот Путин. Многу разочаран. Така што, ќе мораме нешто да преземеме и ќе го скратам тој рок од 50 дена што му го дадов“, изјави Трамп пред новинарите.

„Едноставно не гледаме никаков напредок“, изјави Трамп вчера и нагласи дека планира да воведе санкции кон Русија за околу 10 или 12 дена.