[ФОТО] Врник: Волшебното островче во близина на Корчула на кое живее само еден жител

Точка

26/07/2025

20:20

1.705

Големина на фонт

а а а

Нашата желба за патувања нè носи на разни места: во некој нов град, музеј, шума, планина, семејно стопанство, популарно излетничко место со животни… Но, во суштина, нашата скитничка душа во текот на летото копнее да открие уште еден остров, нели?

Хрватскиот Јадран може да се пофали со стотици острови и островчиња на кои се кријат некои од најубавите заливи и плажи во светот, а ако и вие сте еден од оние патници кои секоја сезона трагаат по скриени места создадени за целосен мир, тогаш островчето Врник во корчуланскиот архипелаг е идеално место за вас!

Врник – Единственото населено островче на прекрасниот корчулански архипелаг

Малку се местата во светот како Врник, единственото населено островче во корчуланскиот архипелаг. Неговата површина изнесува 0,28 км², а интересно е тоа што целото крајбрежје може да го обиколите за неколку минути бидејќи должината му е само два километри. Мештаните велат дека пред двесте години тука живееле 300 жители, педесет години подоцна околу 150, а денес во ова живописно место преку целата година живее само една личност – професор по фотографија на Ликовната академија во Сплит и автор на повеќе краткометражни и долгометражни филмови. На Врник живеат уште неколку семејства, но не постојано, бидејќи поради работа и децата заминуваат на Корчула и континентот.


Од античките времиња Корчуланите успешно обработувале и продавале камен низ целиот свет, а квалитетниот варовник од Врник денес е вграден во најпознатите светски градби, како што се Аја Софија, парламентот во Виена и градското собрание во Стокхолм. На Врник се наоѓа и еден од најстарите корчулански каменоломи од староримско време, а за да се заштити неговата убавина – механизацијата е целосно забранета, па камен не се вади веќе повеќе од половина век.



И покрај осаменоста и силните ветрови што дуваат во текот на годината, на Врник ќе најдете живот, убавина во сè, дури и во каменот. Многу љубов е вложена во неговото уредување и во медитеранските растенија што растат на секој чекор. Покрај морето, тие цветаат во запуштени бродови, на крововите на куќите, во пробиени детски топки, шарени канти… Растат во скоро невозможни услови, изложени на бура, југ, сол, речиси без земја.


За да се живее на островот, треба да си сестран. Треба да знаеш како да одгледаш маслина, да поправиш чамец, да фрлиш мрежа, да ловиш риба, да испечеш леб. Мораш да ги ослободиш своите мисли. Мораш да станеш свесен за волшебството што те опкружува. А тоа волшебство е животот, зеленото дрво, црвеното цвеќе, тоа волшебство е во очите на луѓето. Таму морето се чувствува некако посебно, посилно, поинтензивно, а старите куќи изрезбани во камен се доказ за минатите времиња.


На островчето Врник во летните месеци редовно пловат приватни чамци и такси бродови од градот Корчула и од Оребиќ. Во само еден ден можете да ја посетите и Бадија, каде што ќе ве опкружат елени лопатари. Тешко е да се допрат и погалат, но ако им дадете залак, без проблем ќе ви се доближат и ќе ја земат храната директно од раката. Ќе им бидете интересни само додека не пристигне нов брод или некој нов гостин со посластица во раката, тогаш ќе се нафрлат кон тие нови гости да ги убедат дека токму што огладнеле…