СЗО издаде итно соопштение: Болеста која ја пренесуваат комарците е опасност за целиот свет

Точка

26/07/2025

18:04

2.050

Големина на фонт

а а а

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека голема епидемија на вирусот чикунгунија (chikungunya) се заканува да се прошири низ целиот свет, повикувајќи на итни мерки за нејзино спречување.

СЗО соопшти дека ги гледа истите рани предупредувачки знаци како во текот на големата епидемија пред две децении и дека сака да спречи нејзино повторување.

Чикунгунија е вирусна болест што ја пренесуваат комарци, а која предизвикува треска и силна болка во зглобовите, што често е исцрпувачко. Во некои случаи, може да биде смртоностна, пишува „Саенс алерт“ (Science Alert).

„Чикунгунија не е широко позната болест, но е откриена и пренесена во 119 земји низ целиот свет, ставајќи 5,6 милијарди луѓе во опасност“, рекла Дијана Рохас Алварез од СЗО.


Таа се потсетила како од 2004 до 2005 година, голема епидемија на чикунгунија го преминала Индискиот Океан, погодувајќи мали островски територии пред да се прошири глобално, погодувајќи речиси половина милион луѓе.

„Денес, СЗО го забележува истиот модел: од почетокот на 2025 година, Реунион, Мајот и Маврициус пријавија големи епидемии на чикунгунија. Се проценува дека една третина од населението на Реунион е веќе заразено“, рекла таа на прес-конференција во Женева, додавајќи дека како и пред 20 години, вирусот сега се шири на други места во регионот, како што се Мадагаскар, Сомалија и Кенија.

Како што рекла таа, „преносот на епидемија се појавува и во Јужна Азија, а во Европа исто така се пријавени и увезени случаи поврзани со епидемијата на островите во Индискиот Океан“. Локален пренос е пријавен во Франција, а сомнителни случаи се откриени во Италија.

„Бидејќи овие модели на пренос беа забележани во текот на епидемијата од 2004 година па наваму, СЗО повикува на итна акција за да се спречи повторување на историјата“, рече Рохас Алварез.

Симптоми на чикунгунија

Симптомите на чикунгунија се слични на оние на денга треската и болести предизвикани од вирусот Зика, што ја отежнува дијагнозата, според податоците на СЗО.

Главните симптоми на болеста се висока температура и болки по целото тело, главоболка, болки во мускулите, осип и проблеми со стомакот кои можат да траат и до неколку месеци.


Тешките симптоми и смртните случаи од чикунгунија се ретки и обично се поврзани со други поврзани здравствени проблеми, наведува Википедија.

Повеќето луѓе заразени со вирусот чикунгунија развиваат симптоми на вирусна инфекција три до седум дена откако ќе бидат каснати од заразен комарец, најчесто треска и болки во зглобовите. Повеќето пациенти се чувствуваат подобро во рок од една недела. Меѓутоа, болката во зглобовите која е често силна и онеспособувачка може да трае и со месеци.

Групи со ризик од потешка форма на болеста се доенчињата, постарите возрасни лица (над 65 години), лицата со здравствени состојби како што се висок крвен притисок, дијабетес или срцеви заболувања.

Рохас Алварез напоменала дека стапката на смртност е помала од еден процент, „но кога ќе почнете да броите милиони случаи, тој еден процент може да биде илјадници смртни случаи“.

„Рано алармираме за да можат земјите да се подготват рано, да откријат и да ги зајакнат сите капацитети за да избегнат многу големи епидемии“, рекла Рохас Алварез, објаснувајќи дека во региони каде што населението има мал или никаков имунитет, вирусот може брзо да предизвика значителни епидемии, погодувајќи дури три четвртини од населението.

Опасност од тигрести комарци

Вирусот чикунгуниј се пренесува на луѓето преку каснувања од заразени женски комарци, најчесто „Aedes aegypti“ и „Aedes albopictus“, кои се познати како тигрести комарци. Тие се шират кон север додека светот се затоплува поради климатските промени предизвикани од човечкото дејствување.


Тие касаат првенствено во текот на дневните часови, со врвна активност често рано наутро и доцна попладне.

СЗО ги повика луѓето да се заштитат со мерки како користење на средства против комарци и да не дозволуваат водата да стагнира во садови како што се кофи, каде што комарците можат да се размножуваат.