Тимот на Алкалоид ги започна подготовките за новата натпреварувачка сезона, сезона 2025/2026 во која клубот ќе води жестока битка во домашните натпреварувања, а ќе има и предизвик во Европската лига на ЕХФ.
Клубот од Автокоманда ги освежи своите редови, има осум нови играчи, но она што е најважно тренерот Кирил Лазаров е задоволен и верува дека оваа група има знаење, потенцијал, капацитет и квалитет за да ги оствари зацртаните цели.
– Целата стратегија, поставеноста на клубот е од година во година да се прави чекор напред. Не сакаме тие чекори да бидат крупни, туку да одиме постепено и да го развиваме клубот. Јас како тренер сум среќен и горд што и оваа сезона останавме во истиот македонски концепт, во ростерот ќе имаме 23 играчи, од кои 21 ќе бидат македонски. Одлучивме да продолжиме по истиот пат, да даваме шанса на македонските играчи и да се биде поконкурентен како во Македонија, така и во европски рамки. Задоволен сум од во преодниот рок успеавме да донесеме нови играчи, во ростерот имаме осум нови имиња, потребно ќе ни биде време да се воиграме, затоа и малку порано стартуваме од сите останати суперлигаши.
– Исто така улога играат и квалификациите за Европската лига на ЕХФ. Со новите играчи ќе работиме, за да се вклопат во системот кој го надградуваме. Позитивен и среќен сум и мислам дека како проаѓа време, ќе одиме чекор понапред. Урош Борзаш ја познава Македонија, се работи за играч со доста искуство со повеќе странски клубови, тој ќе биде додадена вредност во нашиот систем, додека Улфар Монси доаѓа од скандинавска школа, со искуство во Европската лига на ЕХФ. Тој е доста млад играч и верувам дека во нашиот тим и систем доста ќе се вклопи и ќе биде плус за нас во делот на транзицијата, - вели Лазаров кој даде коментар за Хановер со кого македонскиот прволигаш ќе се соочи во квалификациите за Европската лига.
– Ние како клуб одлучивме да излеземе од комфорната зона и да играме во Европската лига, по оној освоен ЕХФ Куп во кој има силни противници, тоа може да се види по листата и оваа година. Сакаме да одиме чекор понапред, прифативме ризик. Имавме малку незгодна ждрепка, добивме бундеслигаш. Успеав по ждрепката да изгледам неколку мечеви и увидов зошто во текот на Бундеслигата во поголемиот дел беа на првото место. Се работи за систем со екстра-квалитетен тренер, бивш селектор на репрезентацијата на Германија, на секое зошто има затоа. Ривалот е фаворит, но ние ќе се бориме и нема да се предадеме, - порача стратегот за официјалниот клупски сајт.