Туристка која со пријателите вечерала во позната таверна на грчкиот остров Парос, предизвикала бура од реакции на социјалните мрежи откако објавила дека маслиновото масло за салата дополнително ѝ било наплатено.
Иако нарачала „грчка селска салата“ по цена од 15 евра, маслото кое ѝ го донеле дополнително во затворено шишенце ѝ го наплатиле 2,5 евра, со што вкупната цена на порцијата се зголемила на 17,5 евра.
Видеото од сметката од Грција таа го споделила на социјалната мрежа ТикТок, наведувајќи дека не станува збор за парите туку за принципот.
Според нејзиниот опис, салатата која ја нарачале им ја донеле без ниту една капка масло. Кога побарале да им донесат маслинoво масло, келнерот им донел мало, затворено шишенце кое на крај било наплатено дополнителни 2,5 евра.
Вкупната цена на порцијата, според приложената сметка, од 15 се зголемила на 17,5 евра, што предизвикало дополнително огорчување кај гостите.
„Ми рече дека маслото нормално се наплаќа“
Туристката во видеото рекла дека го прашала келнерот зошто маслиновото масло дополнително се наплаќа, на што тој ѝ одговорил: „Вообичаено, маслиновото масло се наплаќа“.
„Секако дека можевме да платиме, но не може така да ги лажете луѓето. Не станува збор за парите туку за принципите и почитта на гостите“, порачала туристката во видеото.
„Ваквите работи го нарушуваат угледот на Грција“
Видеото за кратко време добило голем број прегледи и коментари на социјалните мрежи. Многу од корисниците застанале во одбрана на туристката, осудувајќи ја праксата на дополнително наплаќање на основните состојки во туристичките зони.
„Профитирањето на островите не влијае само на искуството на туристите туку прави штета на целокупната слика за грчкото гостопримство“, навел еден корисник во коментарите и додал дека конкуренцијата во туризмот сега е поголема од кога и да е.