Археолозите откриле збирка од необично големи чевли во урнатините на воената тврдина од 1. век покрај Хадријановиот ѕид, 117 километри долга камена бариера која го штитела северозападниот дел на Римското Царство од непријатели. Ова откритие отвора нови прашања за животите и потеклото на населението од ова подрачје.
Големите кожни потпетици беа пронајдени во мај во римската тврдина Магни (Карворана), меѓу вкупно 34 парчиња обувки, вклучувајќи работни чизми и чевли за деца. Тие помагаат во реконструкцијата на секојдневниот живот на околу 4000 мажи, жени и деца кои некогаш живееле на оваа локација, јужно од денешната шкотска граница.
Осум чевли подолги од 30 сантиметри
Осум од чевлите се подолги од 30 сантиметри, што одговара на европски број 48 или поголем, што ги прави значително поголеми од просекот и поттикнува шпекулации дека овие тврдини на работ од Царството ги чувале војници со необична висина. За споредба, просечната големина на чевлите пронајдени во соседната римска тврдина биле со европски број 41-42, стои во соопштението за откритието.
„Кога го најдовме првиот голем чевел, разгледувавме многу можни објаснувања. Можеби биле зимски чевли, можеби ги полнеле со материјал, носеле дополнителни чорапи“, рече Рејчел Фрејм, водечки археолог која го води ископувањето. „Но, ги наоѓавме сè повеќе и во различни стилови, па се чини дека ги носеле луѓе со навистина големи стапала.“
Ископувањата во Магни продолжуваат, а Фрејм се надева дека понатамошни истражувања ќе помогнат да се открие на кого всушност му припаѓале овие џиновски чевли. Сега започнува да се склопува сликата на минатото на ова место.
Archaeologists at Magna Roman fort, near Hadrian’s Wall, found a massive 32 cm leather shoe—possibly the largest in the Vindolanda Trust’s 5,000+ pair collection. Likely worn by a soldier, it was uncovered in a trench and offers new insights into Roman military life. pic.twitter.com/kRC4itxEvC
— History Photographed (@HistoryInPics) July 1, 2025
Натписи споменуваат и војници од Хрватска и Србија
Додека тврдината Магна била во употреба, според проценките на археолозите, на тоа место по изградбата (околу 85. година по Христа) во повеќе наврати се менувале различни римски воени единици и нивните семејства.
Натписите на ѕидовите и олтарите споменуваат доаѓање на стрелци од Хамата, подрачје на денешна Сирија, далматински планински војници од подрачјата на Хрватска и Србија, како и Батавци од Холандија, но не е познато колку долго овие групи останале во гарнизонот.
„По сè изгледа, војниците по наредба често патувале во далечни краеви и во брзање ги оставале чевлите, облеката и другите работи во околните ровови“, вели Фрејм. „Новите станари, на кои им бил потребен повеќе простор, граделе поголеми згради на стари темели, затрупувајќи ги ѕидовите со шут и глина и така ги покриле предметите што ги оставиле претходните корисници“, додаде таа.
„Археолозите ги сакаат отпадоците“
„Археолозите ги сакаат отпадоците“, вели д-р Елизабета Грин, вонредна професорка по класични студии на Универзитетот "Western Ontario".
„Кога наидувате на слоеви создадени од секојдневно одлагање, тие кажуваат многу за тој простор.“ Грин со години проучувала илјадниците чевли пронајдени во блиската римска тврдина Виндоланда, една од најдобро истражуваните римски локации покрај Хадријановиот ѕид, каде ископувањата траат уште од 1970-тите.
Новиот примерок чевли од Магна покажува некои сличности со колекцијата од Виндоланда, истакна Грин, која не учествувала во ископувањата во Магна, но имала можност да ги разгледа артефактите.
Потпетици од дебели слоеви кожа
Потпетици од чевлите од двата локалитета се изработени од дебели слоеви кожа од крави, зацврстени со железни шајки. На неколку чевли од Магна е зачуван дел од горниот дел, додека чевлите од Виндоланда вклучуваат затворени воени чизми, отворени работни чизми, чевли слични на денешните патики и сандали со кожни ремени.
„Се претпоставува дека кожните потпетици од Магна преживеале илјадници години благодарение на старите техники на штавење, каде се користел здробен растителен материјал за изработка на слој што е отпорен на вода и топлина“, рече Грин. Анализите сè уште се во тек за да се потврди оваа хипотеза.
„Римските воени прирачници го опишуваат идеалниот регрут со висина од 173-175 сантиметри“
„Големите чевли од Магна укажуваат дека нивните сопственици можеби биле необично високи“, вели Грин. Во Виндоланда, од 3704 собрани чевли, само 16 биле подолги од 30 сантиметри.
„Римските воени прирачници често го опишуваат идеалниот регрут со висина околу 173-175 сантиметри“, вели Роб Колинс, професор по археологија на границите на Римското Царство на Универзитетот во Њукасл. Но, војниците покрај Хадријановиот ѕид доаѓале од најразлични делови на Царството, носејќи голема разноликост на физички карактеристики. Останува нејасно зошто Магна можеби имала потреба од многу високи војници.
„За да го откријат идентитетот на сопствениците на чевлите, истражувачите планираат детално да ги проучат трагите“, рече Фрејм. Отпечатоците од стапалата би можеле да се искористат за моделирање на нивната анатомија. Меѓутоа, поврзувањето на чевлите со човечки остатоци може да биде многу тешко.
„Римјаните на Хадријановиот ѕид претежно кремирале мртви“
„Римјаните на Хадријановиот ѕид претежно кремирале мртви, а гробовите ги означувале со надгробни споменици“, истакна Колинс. Сите коски кои евентуално останале во населбите веројатно потекнуваат од непријатели, нелегални погреби или од затрупување во вонредни ситуации, како природни катастрофи.
„Некои коски пронајдени досега во Магна биле премногу меки и распаднати за да дадат повеќе информации, но екипата продолжува да бара нови гробишта“, рече Фрејм. Керамиката и другите предмети од локалитетот исто така би можеле да помогнат во датирањето и утврдувањето кога различни жители биле на тоа место. Но, истражувачите се плашат дека немаат уште многу време.
„Забрзаните климатски промени ги прават ископувањата во Магна поспецијални“
„Кожата од Виндоланда и Магна била зачувана благодарение на анаеробните услови на почвата, со ниска концентрација на кислород“, вели Фрејм. Сепак, 34-те чевли пронајдени во Магна се во полоша состојба од оние од Виндоланда, и тоа поради климатските промени.
„Што повеќе се менува климата, што повеќе имаме топлотни бранови, долги суши или екстремни дождови за само еден викенд, толку повеќе кислород влегува во подземните слоеви, а тоа директно влијае на зачувувањето“, објасни Фрејм.
Во почвата богата со кислород, микробите процветуваат и го забрзуваат распаѓањето, а пониската "pH" го разградува природниот материјал, како што е кожата. Фрејм додава дека забрзаните климатски промени ги прават ископувањата во Магна поспецијални.
„Ме радуваат блескавите предмети и вредните украси, но за мене археологијата пред сè е приказна за луѓето чиј живот не бил запишан, кои не биле цареви или познати херои“, рече таа. „Овие лични предмети ги враќаат вистинските луѓе во нашата слика на минатото.“