Пред неколку дена успешно заврши снимањето на официјалната химна на претстојниот Европски Младински Олимписки Фестивал - ЕМОФ Скопје 2025, која е во изведба на познатите македонски пејачи Александар Тарабунов, Сара Мејс, Јанг Дади и Лара Иванова.
За промоција на фестивалот беше создадена песна, која ќе биде заштитен знак на годинашниот ЕМОФ, а музиката и текстот пренесуваат силна порака за младинско единство, неисцрпна спортска енергија и непроменливиот олимписки дух што го карактеризира долгочекуваниот спортски спектакл.
Покрај снимањето на химната, заврши и снимањето на видео спотот, кој има за цел да ја долови атмосферата на фестивалот и неговите вредности. Спотот беше снимен на повеќе клучни локации во Скопје и Куманово, како домаќини на фестивалот, а снимањето помина во инспиративна атмосфера, исполнета со енергија и тимска посветеност, каде секој учесник даде свој личен печат на ова музичко дело. Тимот работеше со голема енергија и посветеност за да создаде визуелен и звучен производ кој ќе ги мотивира и возбуди сите учесници и посетители на фестивалот.
Во видеото, освен изведувачите и младите спортисти, се појавува и официјалната маскота Shiny, која претставува симбол на единството, спортот и младешката инспирација што ЕМОФ ја носи во Скопје.
Песната и видео спотот наскоро ќе бидат официјално претставени на македонската јавност, како дел од подготовките за фестивалот и како најавна порака за емоциите што ќе го одбележат овој најголем спортски настан во историјата на Македонија.
Европскиот младински олимписки фестивал - ЕМОФ Скопје 2025 ќе се одржи од 20 до 26 јули во Скопје, Куманово и Осиек. На фестивалот ќе учествуваат повеќе од 4000 млади спортисти од 49 национални олимписки комитети и тимот на бегалците, кои ќе се натпреваруваат во 15 различни спортови. ЕМОФ Скопје 2025 е најголемиот младински мултиспортски настан во Европа, кој ја промовира спортската извонредност, пријателството, почитта и европските вредности меѓу младите. Овој фестивал ги поврзува младите преку спортот, инспирирајќи ги да го развиваат својот потенцијал и да го живеат олимпискиот дух.