Поранешниот фудбалер на Арсенал, Томас Парти, официјално е обвинет за пет обвиненија за силување и едно обвинение за сексуален напад врз три различни жени.
Обвиненијата се однесуваат на настани што се случиле помеѓу 2021 и 2022 година, пишува „Дејли меил“.
Репрезентативецот на Гана, чиј договор со Арсенал истече на 1 јули 2025 година, официјално ќе се појави пред Судот за прекршоци во Вестминстер на 5 август.
Ова сигурно ќе му го отежни наоѓањето нов клуб, ако воопшто продолжи да игра фудбал, по силните обвинувања што се упатуваат против него.
Истрагата започна во февруари 2022 година, кога една од жртвите ја започна „лавината“.
Подоцна ѝ се придружија уште две жени, кои презентираа докази врз основа на кои Обвинителството официјално покрена обвинение против Парти.
„Разбираме дека оваа вест ќе предизвика силни реакции. Наш приоритет останува да ги поддржиме жените кои имаа храброст да се јават“, рече инспекторот Енди Ферфи.
Парти играше за Арсенал во последните четири години, имајќи 130 настапи и постигнувајќи девет гола. Претходно поголемиот дел од својата кариера го помина во Атлетико Мадрид.