Во ноември 2025 година, истражувачи ќе отпатуваат на пацифичкиот остров Никумароро за да го истражат таканаречениот „Тараиа објект“, визуелна аномалија за која некои веруваат дека претставува остатоци од авионот со кој управувала Амелија Ерхарт.
Неколку секојдневни предмети пронајдени на пуст пацифички остров би можеле да помогнат конечно да се открие што навистина се случило со славната авијатичарка. Амелија Ерхарт, која во 1937 година тргна во мисија да стане првата жена што ќе го обиколи светот со авион, исчезна отприлика еден месец по почетокот на својата авантура.
Нова експедиција по повод 88-годишнината од исчезнувањето
На 2 јули 2025 година, точно 88 години од нејзиното исчезнување, Фондацијата за истражување при Универзитетот Пердју и Археолошкиот институт за наследство (ALI) најавија заедничка истражувачка мисија за пронаоѓање на исчезнатиот авион на Ерхарт.
Во ноември, нивниот тим ќе се упати кон островот Никумароро во Тихиот океан за да го истражи „Тараиа објектот“, за кој некои тврдат дека се остатоци од авион.
Теоријата за принудно слетување на Никумароро
Со комбинирање на документи, фотографии, сателитски снимки, физички докази и сведоштва, истражувачите ја развиле т.н. „Никумароро хипотеза“. Според неа, Ерхарт и нејзиниот навигатор Фред Нунан не се урнале во океанот, туку принудно слетале на ненаселен остров.
Меѓу пронајдените докази се и предмети за кои се верува дека ѝ припаѓале на Ерхарт: женски чевел, кутија за пудра, медицинско шишенце и шишенце со крема против пеги.
„Имала пеги“, изјави новинарот на "NBC", Том Костело, во емисијата "TODAY". „Постојат многу докази дека Амелија Ерхарт и нејзиниот навигатор принудно се спуштиле на овој оддалечен остров.“
Шишенце против пеги како клучен доказ
"NBC" претходно објави дека било пронајдено шишенце идентично на она во кое се продавал кремот на д-р Ц.Х Бери против пеги – популарен во првата половина на 20. век.
Истражувачот што го пронашол вели: „Познато е дека Амелија имала пеги и дека не ги сакала.“ Дополнителни индиции се и три радио-сигнали забележани во близина на островот.
Надеж за конечно решение
„Ова можеби е нашата најголема шанса досега да го решиме случајот“, изјави Ричард Петигру, извршен директор на "ALI". „Со ваков обем на силни докази, чувствуваме дека немаме избор освен да продолжиме. Се радувам на соработката со Фондацијата Пердју за да го напишеме последното поглавје од извонредната животна приказна на Амелија Ерхарт.“
Експедицијата ќе започне на 5 ноември од Маршалските Острови и ќе патува кон Никумароро – остров кој се наоѓа отприлика на половина пат меѓу Австралија и Хаваи. Тимот ќе помине пет дена на терен, а ќе се врати на 21 ноември, пишува "People".
Не сите се уверени во успехот
Сепак, некои експерти остануваат скептични. Рик Гилеспи, автор што пишувал за исчезнувањето на Ерхарт, тврди дека новата експедиција нема да донесе ништо ново.
„Веќе сме барале таму“, изјави во "TODAY", повикувајќи се на своите 12 експедиции во Јужниот Пацифик. „Нема ништо таму.“ За објектот за кој се претпоставува дека е авион додава: „Сателитските снимки покажуваат кокосова палма со корен.“
Можеби конечно разјаснување на мистеријата
Петигру, од друга страна, смета дека не е толку едноставно: „Дури и да шетале луѓе по плажата или да биле многу блиску, немало да ги забележат. Биле покриени со седимент и под вода.“
Доколку авионот биде идентификуван и пронајден, се планира нова експедиција во 2026 година, чија цел ќе биде ископување и детална анализа на остатоците.