Илон Маск ја најави својата нова компанија "xAI", за која вели дека има за цел да ја разбере вистинската природа на универзумот.
Стартапот за вештачка интелигенција "xAI", под водство на Маск, собра вкупно 10 милијарди долари преку долг и капитал, соопшти банката "Morgan Stanley".
Половина од износот е обезбеден преку осигурани обврзници и кредитни заеми, додека останатите 5 милијарди долари доаѓаат од стратешки капитални инвестиции, соопшти банката во понеделникот.
Ова финансирање му дава на стартапот дополнителна моќ да развие инфраструктура и да ја унапреди својата платформа за чет-ботови "Grok", додека се подготвува за директна конкуренција со жестоки ривали како "OpenAI", но и компании како "Anthropic", поддржана од "Amazon".
Во мај, Маск изјави дека "xAI" веќе инсталирала 200.000 графички процесори (GPU) во својот објект "Colossus" во Мемфис, Тенеси. "Colossus" е суперкомпјутер што ја тренира "AI" технологијата на фирмата. Маск најави и планови за објект со еден милион "GPU" надвор од Мемфис, и потврди дека компанијата ќе продолжи да купува чипови од "Nvidia" и "AMD".
"Morgan Stanley" изјави дека „средствата ќе го поддржат понатамошниот развој на напредните "AI" решенија на "xAI", вклучително и еден од најголемите дата-центри во светот и неговата клучна платформа "Grok".“
"xAI" редовно објавува нови верзии на "Grok", а во февруари беше претставен "Grok 3 AI" моделот. Маск се обиде да го зголеми користењето на "Gro"k преку интеграција со социјалната мрежа X (поранешен Twitter). Во март, "xAI" го откупи "X" во договор што ја вреднуваше мрежата на 33 милијарди долари, а "xAI" на 80 милијарди. Засега не е познато дали новото финансирање ја промени оваа проценка.
Минатата година, "xAI" собра 6 милијарди долари при вреднување од 50 милијарди долари, објави "CNBC".
"Morgan Stanley" додаде дека најновата понуда на долг била „претплатена повеќе од очекуваното“ и вклучувала истакнати глобални инвеститори.
Конкуренцијата меѓу американските "AI" стартапи се засилува, со компании кои собираат огромни суми за купување чипови и градење инфраструктура.
"OpenAI" во март затвори инвестициски круг со вреднување од 40 милијарди долари, при што вредноста на "ChatGPT" достигна 300 милијарди долари. Најголеми инвеститори се "Microsoft" и јапонскиот "SoftBank".
"Anthropic", развивачот на чет-ботот "Claude", затвори финансирање во март со вреднување од 61,5 милијарди долари, а во мај доби петгодишна кредитна линија од 2,5 милијарди долари.
Маск го опишува "Grok" како „максимално вистинита вештачка интелигенција“, која е и „анти-woke“, со цел да го разликува од конкурентите. Но, тоа не помина без контроверзии. Годинава "Grok" одговараше на кориснички прашања со несоодветни коментари за чувствителната тема на геноцидот во Јужна Африка.
Маск исто така има конфликти со други лидери во областа на вештачката интелигенција, вклучително и со Сем Алтман. Тој често тврди дека "OpenAI", чиј коосновач е, отстапил од првичната мисија за развој на "AI" за доброто на човештвото и сега е фокусиран на комерцијален успех. Во февруари, Маск заедно со група инвеститори поднесе понуда вредна 97,4 милијарди долари за преземање на контролата врз "OpenAI". Алтман ја одби понудата.