Поранешниот агент на Левандовски: Роберт не е добра личност

Точка

24/06/2025

20:04

708

Големина на фонт

а а а

Роберт Левандовски и неговиот поранешен агент Чезари Кухарски речиси една деценија беа исклучително успешен тандем. Левандовски започна од скромниот второлигаш Зниц Прушков, за преку Борусија Дортмунд и Баерн Минхен да стане најуспешен и најплатен голгетер во историјата на Бундеслигата. Но, во 2018 година дојде до груб раскин на соработката меѓу него и Кухарски, која заврши со судска постапка.

Сега, по потресите во полската репрезентација што кулминираа со оставката на селекторот Михаел Пробиерж, Кухарски повторно излегува со сериозни обвинувања кон Левандовски.

„Роберт Левандовски повторно смени селектор. И претходно, зад грб на тренерите, го доведуваше во прашање нивниот авторитет кога не се согласуваше со нив. Сега тоа го направи јавно, изјавувајќи дека веќе нема доверба во селекторот и дека се повлекува од репрезентацијата“, изјави Кухарски за „SPORT1“.

Скандалот со Левандовски прераснува во политичко прашање

Пробиерж му ја одзеде капитенската лента на Левандовски, кој потоа соопшти дека нема да игра за Полска додека тој е селектор. Ситуацијата прерасна во јавна расправија и практично државна афера. По поразот од Финска во квалификациите за Светското првенство, Пробиерж поднесе оставка.

Кухарски смета дека Левандовски е главниот виновник за ескалацијата:

„Фантастичен фудбалер е, но како личност не е добар. Се смета себеси за крал и така се однесува кон другите“, изјави тој и додаде:

„Имаше дури и маркетинг-стратегии за тоа како да комуницира и како да се однесува. Се сеќавам дека првиот елемент на таа стратегија беше архетипот на ’владетел‘.“

Според него, Левандовски често клевети, манипулира и лаже во јавноста кога има проблем со некого.

„Често покажува чувство на надмоќ. Јасно се сеќавам дека, откако во декември 2016 потпиша договор со Баерн, излегувајќи од канцеларијата рече: ’Сега ќе заработувам колку сите репрезентативци заедно‘“, тврди Кухарски.


Левандовски без коментар

Левандовски изјави дека бил изненаден кога телефонски дознал дека повеќе нема да биде капитен на Полска:

„Воопшто не бев подготвен за тој повик. Токму ги ставав децата во кревет. Разговорот траеше неколку минути“, рече тој тогаш и го обвини Пробиерж за „злоупотреба на довербата“.

„SPORT1“ се обрати до медиумската агенција "RL9 Media" која го застапува Левандовски. Одговорот гласеше:

„Роберт Левандовски нема да ги коментира изјавите на поранешниот агент Чезари Кухарски, со кој од 2018 година нема деловен однос.

Г-дин Левандовски моментално е вклучен во правна постапка во која г-дин Кухарски е обвинет за обид за изнуда. Поради сериозноста на случајот и од почит кон правосудниот процес, г-дин Левандовски во моментов нема да се огласува по повод јавните обвинувања.“


Кухарски: Ме вознемирува кога новинарите ми велат дека не сум објективен

Како што претходно објави "Bild", повикувајќи се на обвинението, Кухарски наводно му се заканувал на Левандовски и на неговата сопруга Ана дека ќе открие информации за нивни даночни нерегуларности ако не му исплатат 20 милиони евра во замена за молчење.

„Не можам да зборувам многу бидејќи Левандовски и неговиот државен обвинител направија сè процесот да остане таен. Но, значително се приближивме до вистината. Потсетувам дека Левандовски и на Баерн јавно му префрли дека се обиделе да го уценат во врска со неговиот трансфер во Барселона. Значи, повторно истите обвинувања“, рече Кухарски.

Со оглед на сè поизразениот судир и тешките обвинувања, логично се поставува прашањето дали неговиот настап е мотивиран од одмазда и пристрасност. Сепак, тој за „SPORT1“ изјави:

„Ме вознемирува кога новинарите ми приговараат дека не сум објективен, а самите немаат поим за целата приказна и се сметаат себеси за непристрасни. Во последниве шест години ниту еден полски или германски новинар не го праша Левандовски зошто преговорите за прекин на нашата соработка, што ги водеа нашите адвокати, ги нарече изнуда.“

Според Кухарски, Левандовски самиот си ги затворил вратите кон репрезентацијата.

„Според мене, Левандовски е свој најголем непријател. Не верувам дека, по тоа што му го направи на селекторот, враќање во репрезентацијата воопшто е можно.“