Има погон од "Rimac" и дизајн од кој застанува здивот: Најавен крајот на производството на "Battista"

Точка

12/06/2025

23:01

882

Големина на фонт

а а а

Нема сомнеж дека Италијанците се најголемите естети во светот, а кога станува збор за автомобили, "Pininfarina" е едно од најпрестижните имиња.

Во текот на своите 95 години постоење, оваа компанија безброј пати покажала што сè е способна да направи. Нивниот најнов хиперспортски електричен болид "Battista", технолошки базиран на "Rimac Nevera", доби финална верзија која веќе многумина ја нарекуваат најубавиот хиперавтомобил на нашето време.

Финалната изведба носи име "Novantacinque", а беше претставена кон крајот на мај во Националниот автомобилски музеј во Торино. Овој уникатен примерок е создаден во чест на 95-годишнината од основањето на компанијата.

Каросеријата е изработена од карбон со црвени отсјаи, во контраст со златни детали во нијансата "PURA Vision", вклучувајќи ја долната страна на задниот спојлер и декоративните линии кои се протегаат по страничните панели на возилото.

Овој примерок има и натпис "Novantacinque" на задниот спојлер, како и бројни логотипи „95“ на екстериерот. Монтирани се полирани бандажи со црни детали и гуми "Michelin Pilot Sport Cup 2".


Ниту внатрешноста не заостанува по ексклузивност. Седиштата се обложени со комбинација од црна кожа и црна алкантара, со златни и црни шевови. На потпирачите за колена има логотип „95“ во златна боја, а тука се и бројни елементи од специјално обработен карбон и алуминиум, со детали анодизирани во златна и црна боја.

Механиката останува непроменета. Тоа значи дека "Battista" располага со батерија од 120 kWh и четири електромотори со вкупна сила од 1.900 коњски сили и 2.300 Nm вртежен момент. Благодарение на оваа импресивна моќност, автомобилот забрзува од 0 до 100 km/h за само 1,89 секунди.


„Battista Novantacinque претставува врв на луксузот и перформансите“, изјави извршниот директор на "Pininfarina", Паоло Делака. „Ова е омаж на минатото, сегашноста и иднината на "Pininfarina" – безвременско ремек-дело создадено во чест на 95 години дизајнерска извонредност. Симболично е што токму "Novantacinque" го претставува завршниот израз на линијата Battista.“

Производството на |Battista|, кое е ограничено на 150 примероци на глобално ниво, ќе заврши до крајот на оваа година.