„BMW“ и „Mercedes“ заштедиле четири милијарди евра по трговскиот договор меѓу ЕУ и САД

Точка

28/07/2025

17:31

1.111

Големина на фонт

а а а

Европските производители на автомобили, како што се „BMW“ и „Mercedes“, заштедиле дури четири милијарди евра благодарение на трговскиот договор меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави, кој го ублажи најлошото сценарио, се наведува во анализата на „Bloomberg“.

Акциите на европските компании во автомобилската индустрија скокнаа по веста дека царината на увоз на автомобили од ЕУ ќе биде намалена од 27,5 проценти на 15 проценти.

Освен тоа, „BMW“ и „Mercedes“ добија дополнителен поттик – изземање од царини за околу 185.000 возила што ги извезуваат годишно од своите американски погони, вели аналитичарот Мајкл Дин.


Овој договор носи многу потребна стабилност за германските и шведските производители на автомобили – „Mercedes“, „BMW“, „Porsche“ и „Volvo“ – кои во изминатите месеци предупредуваа на ризиците од загуби од повеќе милиони и нарушувања во синџирите на снабдување. Многумина поради тоа веќе ги намалија своите финансиски прогнози, додава њујоршката агенција.

„Ова е најдобриот можен исход од една многу непријатна ситуација. Германските и шведските директори ќе спијат многу помирно вечерва“, оцени аналитичарот Матијас Шмит.


Новата царина, сепак, е шест пати повисока од царината од 2,5 проценти што важеше пред промената на американската трговска политика, што значи дека производителите ќе мора да избираат дали да ги зголемат цените на возилата или да префрлат повеќе производство во Америка.

Здружението на хемиската индустрија на Германија („VCI“) предупредува дека договорените царини сè уште се превисоки и штетни за конкурентноста на европскиот извоз.

„Ако очекувате ураган, благодарни сте и за бура“, изјави претседателот на „VCI“, Волфганг Гросе Ентруп.