Калифорниски сон на четири тркала: Откриена уште една футуристичка визија за „Corvette“

Точка

29/07/2025

13:13

372

Големина на фонт

а а а

Како втора од трите студии оваа година, „California Corvette“ донесува футуристички дизајн инспириран од културата на Јужна Калифорнија, со иновативно решение што со отстранување на покривот го претвора во тркачки болид.

„General Motors“ ја претстави втората од трите концептни студии за „Chevrolet Corvette“ планирани за 2025 година. Наречен „California Corvette“, овој концепт е развиен во напредното дизајнерски студио на „GM“ во Пасадена и претставува футуристичка реинтерпретација на култниот спортски автомобил со препознатливото влијание на Јужна Калифорнија. Првиот концепт, потсетуваме, беше создаден во новоотвореното британско дизајнерско студио на „GM“.

„Нашите тимови за напреден дизајн се посветени на обликувањето на иднината, поттикнувањето на иновациите и истражувањето на можностите“, изјави Брајан Несбит, потпретседател за глобален дизајн. „Концептот ’California Corvette‘ е уште еден пример за дизајн што гледа напред. Ги повикавме повеќето студија на ’GM‘ да замислат хиперавтомобили инспирирани од ’Corvette‘, а овој калифорниски тим достави студија што ги почитува легендарните перформанси на ’Corvette‘, внесувајќи своја препознатлива визија.


Трансформација во болид

Концептот „California Corvette“ оддава почит на наследството на марката, но со јасен печат на Јужна Калифорнија. Иако не постои намера за сериско производство, тимот од Пасадена го искористи проектот како можност за целосно ново промислување на идентитетот на „Corvette“. Клучен елемент на дизајнот е двојната намена, што го нагласи и Брајан Смит, директор за дизајн во „GM Advanced Design Pasadena“: „Дефинирачкиот аспект на дизајнот е едноделниот покрив со предни шарки, кој овозможува отстранување на целата горна школка“, објасни тој за "news.gm.com".

Со оваа трансформација, „California Corvette“ од елегантен спортски автомобил за на пат се претвора во лесен, отворен автомобил за тркачка патека. Надворешните пропорции, со широк распон на тркалата и тесна, заострена кабина, ја одразуваат класичната ДНК на „Corvette“ , додека иновативниот покрив ги поместува границите на возможното. Внатрешноста е минималистичка и фокусирана на возачот, со интегрирани структурни елементи и дисплеи насочени кон перформансите, како и „head-up“ дисплеј со проширена реалност.


Футуристичка технологија

Конструкциската основа на концептот е лесна карбонска шасија, дополнета со активен заден спојлер и воздушна кочница. Возилото е поставено на големи тркала – предни со дијаметар од 21 инч и задни од 22 инчи. Иако станува збор за дизајнерска студија, претпоставената погонска единица вклучува призматична батерија и, се разбира, електричен погон.

Димензиите на концептот јасно зборуваат за неговиот спортски карактер. Вкупната висина на возилото изнесува само 1.051 мм, ширината е 2.184 мм, а должината 4.669 мм. Меѓуосовинското растојание од 2.767 мм обезбедува стабилност при високи брзини и агилност во свијоци, со што се заокружува визијата за хиперавтомобил создаден за максимално возачко уживање.