Жестоката дебата за воведување општо ограничување на брзината на германските автопати можеби е сосема непотребна, покажува најновата студија која открива дека темпото од 130 км/ч за повеќето возачи веќе стана реалност, пишува „Autobild“.
Иако германските автопати се познати по делниците без ограничувања, новата студија на Институтот за германска економија („IW“) покажува дека ретко кој возач навистина ја користи таа слобода. Наместо брзање, се чини дека мнозинството преферира значително поспокојно возење.
Реалноста на терен е поинаква
Истражувањето спроведено во Северна Рајна-Вестфалија откри дека просечната брзина на делниците без ограничувања изнесува само 113,5 км/ч. Уште поизненадувачки е податокот дека дури 83 проценти од возачите доброволно возат под препорачаната брзина од 130 км/ч.
Возачите избегнуваат високи брзини
Студијата, спроведена среде летото 2024 година во идеални временски услови без снег или мраз, покажа дека само еден процент од автомобилите возеле побрзо од 160 км/ч. Дури и за време на викендите со помал сообраќај, мнозинството возачи се држеле до брзини меѓу 100 и 130 км/ч. Овие податоци го наметнуваат прашањето дали е воопшто потребно законско ограничување ако возачите веќе во пракса го почитуваат.
Зошто дојде до забавување?
Експертите веруваат дека на ваквото однесување влијаат неколку фактори: сè поголемиот број градилишта на автопатите, погустиот сообраќај по масовното враќање на вработените во канцелариите и растечките цени на горивата, кои поттикнуваат на поштедливо возење. Трендот е јасен – просечната брзина на германските автопати е во опаѓање.
Поради тоа, научниците што ја спровеле студијата ја сметаат вечната дебата за ограничување на брзината за „претерана“. Сепак, се согласуваат во едно: доколку сите возат со порамномерен ритам, протокот на сообраќајот би бил значително подобар, а помалку наглото сопирање дополнително би ја намалило потрошувачката на гориво.