„Porsche“ не отстапува од електрификацијата, па откако уште еднаш нагласи дека нема подобар електричен автомобил од „Taycan“, сега започнува со промоција на новиот „Cayenne“.
„Cayenne Electric“ ќе биде претставен до крајот на годината, а камуфлираната верзија веќе имаше можност да ја вози Ричард Хамонд. Тој очигледно го надмина стравот од електричните автомобили и повторно седна зад воланот на моќен автомобил со електричен погон.
Што точно може новиот „Cayenne“, ќе видиме на „Goodwood Festival of Speed“, каде што се упати и овој примерок. На пат кон таму, Хамстер го посети и искачувањето „Shelsley Walsh“, инаку најстарата патека што сè уште активно се користи. Првата трка на ова искачување се одржала во 1905 година, а сега го тестираше Габриела Јилкова, развоен тест-возач за тимот „TAG Heuer Porsche Formula E“.
Таа ја помина патеката со наклон од 16,7% и должина од 914 метри за 35,53 секунди, што е за 4 секунди подобар резултат од претходниот рекордер во класата на SUV возила, „Bentley Bentayga“.
Официјалните податоци за мерењето на времето исто така покажаа дека „Cayenne“ ги помина првите 60 јарди (18,3 метри) за само 1,94 секунди. Ова време на настанот го постигнаа само едноседи со тркачки гуми „slick“, додека „Porsche“ користеше обични летни гуми за пат.
„Porsche“ не откри колку моќност имаше рекордниот прототип на „Cayenne“, но благодарение на видеото во кое поранешниот водител на „Top Gear“, Ричард Хамонд, го тестира електричниот модел пред да ѝ го предаде на Јилкова за возење на патеката „Shelsley Walsh“, ни се познати некои клучни детали.
Хамонд потврдува дека „Cayenne“ го користи системот за суспензија „Porsche Active Ride“ – технологија што ја има „Taycan“, но не и „Macan“, иако „Cayenne“ ја дели истата платформа со него. Тој исто така истакнува дека синтетичките звуци што ги произведува електричниот модел во режимот „Track“ потсетуваат на мотор „V8“. Додава дека му било кажано оти моќноста на овој модел ја надминува онаа на најмоќниот „Cayenne“ со бензински мотор, „Turbo E-Hybrid“, кој има 740 коњски сили.
Уште поинтересно за оние кои планираат да влечат приколки или чамци е информацијата дека „Cayenne Electric“ – во зависност од изведбата – има влечна способност до 3.500 кг, што е на ниво на бензинската верзија, но и 1.000 кг повеќе од „BMW iX“.
И за крај, да споменеме дека паралелно со електричниот модел, во продажба ќе остане и бензинската верзија со мотор „V8“.