Унијата за Медитеранот (UFM), организација што обединува 43 земји, предупреди дека за 25 години во Средоземното Море може да има повеќе пластика отколку риби доколку управувањето со отпадот не се подобри радикално.
„Средоземното Море е едно од најзагадените области со пластика во светот“, предупреди организацијата од своето седиште во Барселона по повод Светскиот ден на заштитата на животната средина.
Средоземното Море претставува помалку од еден процент од површината на светските мориња, но е дом на речиси 20 проценти од сите познати морски видови, што го прави едно од најважните жаришта за морскиот биодиверзитет во светот.
Исто така, е дом на една од највисоките концентрации на загадување со морска пластика во светот, со околу 730 тони пластичен отпад што се фрла во морето секој ден, соопшти Унијата за Медитеранот.
„Доколку производството на пластика продолжи да расте со стапка од четири проценти годишно и управувањето со отпадот не се подобри радикално, испуштањето пластика во морето би можело да се удвои до 2040 година, а до 2050 година би можело да има дури и повеќе пластика отколку риба“, соопшти организацијата.
Акумулацијата на загадување во Средоземното Море, предизвикана главно од комбинација на висока густина на крајбрежна населеност, масовниот туризам и ограничената размена на вода во полузатворената структура на морето, претставуваат многу сериозни еколошки, јавноздравствени и социоекономски ризици, чии ефекти сè уште се изучуваат.
„Обидите за борба против оваа критична ситуација со цел да се исполнат целите за одржлив развој на Обединетите нации мора да се фокусираат на промовирање политики за циркуларна економија кои ја минимизираат употребата на пластика и даваат приоритет на употребата на биоразградливи и потрајни алтернативи на пластиката“, соопшти Унијата за Медитеранот.
Бранот на пластичен отпад не е само еколошки проблем
Организацијата, основана пред 17 години, се залага за иницијативи за одржлива сина економија кои го поттикнуваат социо-економскиот развој преку одговорно користење на морските ресурси. Сино-медитеранското партнерство (BMP), повеќе донаторски фонд промовиран од Унијата за Медитеранот, кој мобилизира инвестиции во проекти за одржлива сина економија во регионите на Јужниот Медитеран и Црвеното Море, е водечка иницијатива во оваа област.
„Додека го одбележуваме Светскиот ден на заштитата на животната средина, клучно е да се препознае дека растечкиот бран на пластичен отпад не е само еколошки проблем, туку проблем што директно влијае на благосостојбата на нашите заедници и економии“, рече Насер Камел, генерален секретар на Унијата за Медитеранот.
„Прекуграничните проблеми, вклучително и загадувањето со пластика, бараат прекугранични решенија. Унијата за Медитеранот секогаш ќе ги поддржува иницијативите за регионална соработка што промовираат одржлив развој и го зачувуваат нашето драгоцено море за идните генерации“, заклучи тој.