Легендарниот холивудски актер Том Круз повторно ги поместува границите на можностите. Благодарение на извонредните акробации изведена во филмот Невозможна мисија: Финална одмазда (Mission: Impossible – The Final Reckoning), Круз официјално влезе во Гинисовата книга на рекорди како човек со најмногу скокови со запален падобран – дури 16 пати.
Оваа неверојатна сцена е снимана во планините Дракенсберг во Јужна Африка, каде што Круз поминал недели подготвувајќи се заедно со каскадерски тим, пред да скока од височина поголема од 22.000 метри. За време на скоковите од хеликоптер, главниот падобран му бил запален, по што го отфрлал и отворал резервен. Во неколку скокови, Круз носел и камера тешка повеќе од 20 килограми, прицврстена на неговото тело, со цел да се добијат автентични кадри од прво лице.
Како што пренесува "Deadline", главниот уредник на Гинис, Крејг Глендеј, изјави: „Том не глуми акциони херои – тој навистина е еден од нив. Неговата решителност и посветеност на автентичноста и поместувањето на границите се причината за неговиот успех. Задоволство ни е што можеме да му оддадеме почит со место во Гинисовата книга на рекорди.“
Акцискиот спектакл со голем успех во кино салите
Невозможна мисија: Финална одмазда ја заокружува сагата што трае речиси три децении. Филмот го носи сето она по што е позната франшизата – спектакуларни сцени, шпионски игри и адреналинска акција на најнеобични локации низ светот.
Заплетот се фокусира на закана од глобални размери, кога вештачка интелигенција излегува од контрола. Итан Хант (Том Круз) и неговиот тим мораат да спречат катастрофа во дигиталниот свет што може да ја уништи човечката цивилизација. Но, овој пат влогот е уште поголем – Итан мора да избере помеѓу мисијата и животите на луѓето што ги сака.
Филмот е пофален за визуелните ефекти, тензијата во режијата и посветеноста на Круз на секој детал – вклучително и акробациите што ги изведува без помош на компјутерски ефекти или каскадери. Режијата е на Кристофер Меквари, а покрај Круз, во филмот настапуваат и Ребека Фергусон, Хејли Атвел, Сајмон Пег и Винг Рејмс.
Во првите три недели од прикажувањето, Невозможна мисија: Финална одмазда заработи над 389 милиони долари на глобално ниво, со што стана еден од најуспешните филмови на годината. Публиката и критичарите се согласуваат – ова е достојно финале на една од највозбудливите акциски франшизи во историјата на филмот.