[ФОТО/ВИДЕО] Реклама од Слаткар осамна на Тајм Сквер: „Горд сум што детето од Ново Лисиче што се шверцуваше во бус, сега е на билборд во Њујорк“

Точка

06/06/2025

15:02

7.304

Големина на фонт

а а а

На најголемиот и најпознат плоштад во светот – Тајмс сквер во Њујорк, македонскиот музичар Марко Маринковиќ – Слаткар доби своја видео-реклама, која се појави дури 48 пати во текот на два дена.

На билбордот беше прикажан неговиот лик, заедно со кју-ар код преку кој минувачите можеа веднаш да пристапат до неговата музика на онлајн платформите.


Оваа промоција се случува во деновите кога Слаткар го претстави својот најнов албум „Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш“, кој веќе доби убави реакции од македонската публика. Иако сам ја организирал рекламата преку пријатели од САД и знаел точно кога ќе се појави, Слаткар признава дека сè уште не може да поверува дека неговата музика доби место на „крстосницата на светот“.


„Њујорк е врутокот на мојата култура. Реклама за ‘Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?’ оди на Тајмс Сквер. Сè е можно ако веруваш и сакаш доволно… Ако е некој во близина, нека ја слика или сними убаво. Рекламата се емитува во првите 10 минути од секој нов час. Билбордот е поставен на број 1560 на Булеварот Бродвеј, помеѓу 46-та и 47-ма улица, веднаш над продавницата на Пеле“, напиша Слаткар на својот инстаграм-профил.

„Првиот пат кога го видов билбордот ми беше тотално нереално. Ми пратија снимки од безбедносна камера за да видам дека е пуштен. А чувството е баш онака... уф... ова е една од малкуте работи за кои не можам да поверувам дека се случиле“ - рече Слаткар за CRNOBELO.com, откако билборд со неговиот лик се појави во Њујорк.


„Не ми е реално она дете што седело во клупа во Ново Лисиче, што седело по клупи низ Скопје и се шверцало во бус бидејќи немало пари да стигне до дома, истото тоа дете да може да стигне до еден од најбитните билборди на Тајмс Сквер во Њујорк.

Мене ми беше нереално што е мое, а не пак на луѓето што гледаат од страна.



Затоа најверојатно и вие, како новинари, и ме прашавте дали е AИ (вештачка интелигенција), но не би направил такво нешто. АИ би направил за некоја фора, да се гледа очигледно дека е АИ. А ова, знаев дека ќе оди на видео-билбордите на Тајмс Сквер, јас сум го нарачал, и пак ми е нереално.


Целата работа е тоа што кога човек сака нешто, кога има креативни идеи за промоција, ништо не е невозможно.“