Мате Римац објаснува зошто новиот "Tourbillon" има атмосферски мотор.
Додека "Chiron" претставуваше еволуција на легендарниот "Veyron", новиот "Bugatti Tourbillon" претставува целосен пресврт во филозофијата на брендот.
Наместо прочуениот "W16" мотор со четири турбини, "Tourbillon" користи сосема нов атмосферски "V16" мотор со зафатнина од 8,3 литри, развиен во соработка со "Cosworth". Моторот тежи само 252 килограми – што е 42% помалку од погонската единица на "Chiron".
Римац истакнува дека отфрлањето на турбополначите било клучен дел од новата стратегија.
„Не ги разбирам турбо хибридите“, изјави тој за "Top Gear".
„Ги имам возено сите и навистина не ми е јасно – зошто да се прави хибрид со турбомотор, кој и сам по себе е компромис?“
Замената на четирите турбини резултирала со загуба од 600 коњски сили, но таа е целосно надоместена со три електромотори кои заедно испорачуваат 800 коњски сили.
Во комбинација со 1.000 коњски сили од "V16" моторот, вкупната сила на "Tourbillon" надминува 1.800 коњски сили, при што возилото е полесно од "Chiron".
Новото потпирање изработено со помош на "3D" печатење е 45% полесно, што дополнително ја намалува масата – целиот автомобил, со сите течности и скоро полн резервоар, тежи под 1.995 килограми.
"Tourbillon" располага со батерија од 24,8 kWh, што овозможува до 70 километри возење само на електричен погон. На тој начин станува не само посилен, туку и поеколошки ефикасен.
Во светот на суперавтомобили, каде најголем дел од хибридите користат турбомотори, "Bugatti" оди спротивно од трендовите – слично како "Lamborghini" со моделот "Revuelto", кој има атмосферски "V12" мотор.
Римац открива дека не е исклучена можноста во иднина да се појави верзија со чисто согорувачки мотор, како и полесна варијанта со само еден електромотор.
Планирана е и изработка на роудстер верзија, а сериското производство ќе биде ограничено на 250 примероци. Пред тоа, "Bugatti" ќе изработи 35 прототипови за тестирање.
Во моментот, фокусот е насочен кон испораката на последните примероци од моделите "Bolide" и "Mistral", со кои завршува ерата на "W16" моторите.