Со години се сметаше дека "Buick" од 1939 година е првиот сериски автомобил со трепкачи какви што ги познаваме денес. Но, дали оваа приказна е навистина точна?
Системот што го користел "Buick", наречен "Flash-Way Direction Signal", бил вистинска иновација за тоа време — пар светлосни индикатори интегрирани во амблемот на задниот дел од автомобилот. Подоцна биле додадени и бели светла на предниот дел, а со текот на времето трепкачите станале дел од задните светлосни групи, токму како кај модерните автомобили.
Сепак, нови сознанија ја доведуваат во прашање оваа широко прифатена верзија на историјата. Имено, британскиот "Talbot 105" од 1932 година имал фабрички вградени светлосни покажувачи на правец – и тоа не само на задниот дел, туку и напред! Ова се случило дури седум години пред "Buick" да го претстави својот "Flash-Way" систем.
Овие трепкачи биле поставени на долниот дел од решетката на ладилникот, во форма на стрелки, и биле портокалови — боја што дури во 1964 година станала законски задолжителна за оваа намена. Иако поради дизајнот на калниците од тоа време можеби биле потешко забележливи, нивното постоење е неспорно.
Уште поинтересно е што брошурите на "Talbot" од 1933 година експлицитно ги наведуваат овие покажувачи како стандардна опрема кај моделите 75, 95 и 105. Исто така, на инструмент таблата имало сигнални ламбички кои го известувале возачот дека трепкачите се вклучени – исто како што е и денес. На видеото може да се види како изгледал тој систем во пракса.
Иако во периодот меѓу двете светски војни постоеле различни додатоци од трета страна за сигнализација, клучниот момент овде е што "Talbot" ги вградувал трепкачите фабрички, како дел од оригиналната опрема.
Овие откритија ја менуваат досегашната перцепција за историјата на автомобилската сигнализација. "Buick" можеби ги популаризирал трепкачите преку своето масовно производство, но изгледа дека британскиот "Talbot" тивко и ненаметливо бил вистинскиот пионер на современите покажувачи на правец.