Продажбата на автомобили на водород драматично опаѓа – иако "Toyota" и "BMW" сè уште не се откажуваат, пазарот за оваа технологија полека згаснува.
Иако "Toyota" и "BMW" и понатаму активно се обидуваат да си обезбедат позиција на пазарот на возила кои користат водород како погонско гориво, сè повеќе изгледа дека просторот за оваа технологија се стеснува.
Според податоците на консултантската куќа "SNE Research", глобалната продажба на возила со водородни горивни ќелии опаднала за 11,2% во првиот квартал од 2025 година, во споредба со истиот период минатата година.
Уште поалармантен е податокот дека во тој период биле продадени само 2.119 возила на водород. Во Европа, на пример, биле продадени само 39 примероци од "Toyota Mirai" и "Hyundai Nexo", што претставува пад од неверојатни 91% во споредба со првиот квартал од 2024 година.
„Додека Јужна Кореја и Кина сè уште ја препознаваат водородната индустрија како стратешки сектор и задржуваат државни субвенции, САД и Европа јасно даваат предност на електричните возила“, наведува "SNE Research".
Во комбинација со слабо развиената инфраструктура за полнење со водород, високата цена на овие возила и скапото одржување, изгледа дека возилата на водород ќе продолжат да ја губат својата привлечност во глобалната трка кон одржлива мобилност.