Катастрофални продажни бројки за „Jaguar“ – испорачани само 49 возила во Европа

Точка

30/05/2025

19:27

1.591

Големина на фонт

а а а

Додека „Jaguar“ се подготвува за целосна трансформација на брендот, регистрациите на нови возила паднаа на алармантно ниско ниво. Според податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили, во април во Европа биле регистрирани само 49 нови автомобили од оваа марка.

Овој податок претставува катастрофален пад од дури 97,5 проценти во однос на април 2024 година, кога биле регистрирани 1.961 возило од „Јагуар“ во Европа и Велика Британија. Намалувањето е толку драматично што речиси изгледа како грешка во извештајот.

Резултат на стратегијата „сè или ништо“

Ситуацијата изгледа уште поалармантна кога ќе се разгледаат бројките за целата година. Во првите четири месеци од 2025 година, регистрирани се вкупно 2.665 возила, што е пад од 75,1 процент во споредба со 10.641 возило регистрирани во истиот период минатата година.

Сепак, овие бројки не се сосема изненадувачки, ако се земе предвид дека „Jaguar“ го запре производството на поголемиот дел од својата постоечка гама. Моделите "F-Type", седанот "XE" и лимузината "XF" веќе одамна се повлечени, а кон крајот на минатата година, брендот дури престана со продажба на нови возила и на домашниот пазар.


Чекање на електричната иднина

„Jaguar“ моментално се наоѓа во најосетливата фаза од својата трансформација. Компанијата се редефинира како луксузен бренд кој ќе произведува исклучиво електрични возила, а новиот модел „Type 00“ нема да се појави најмалку уште една година.

Оваа стратегија „сè или ништо“ изгледа како крајно ризичен потег. Додека конкурентите постепено преминуваат на електрични возила и паралелно ги одржуваат актуелните модели, „Jaguar“ реши целосно да ја стопира постоечката понуда пред да биде подготвен да ги понуди своите електрични наследници.


Прашање на опстанок

Со бројки што веќе влегуваат во статистичка грешка, се отвора сериозно прашање: дали „Jaguar“ ќе успее да заздрави по ваква пауза во производството? Додека ја чекаме новата генерација електрични модели, еден од најпознатите британски автомобилски брендови речиси целосно исчезна од европските патишта. Штета.