Научниците забележале нова планета на рабовите на Сончевиот систем

Точка

31/05/2025

10:31

934

Големина на фонт

а а а

Научници идентификувале објект со дијаметар од околу 700 километри, лоциран во замрзнатите надворешни делови од нашиот Сончев систем, кој би можел да се квалификува како џуџеста планета. Објектот бил забележан додека патувал по многу издолжена орбитална патека околу Сонцето.

Истражувачите го опишуваат како еден од најоддалечените видливи објекти во нашиот Сончев систем, истакнувајќи дека неговото постоење укажува на тоа дека огромниот простор надвор од најоддалечената планета Нептун и од регионот познат како Кајперов појас можеби не е напуштен, како што долго време се претпоставувало. Кајперовиот појас е преполн со мразовити небесни тела.

Објектот, кој ја носи ознаката "2017 OF201", припаѓа на т.н. транснептунски објекти – тела што кружат околу Сонцето на растојанија поголеми од орбитата на Нептун. За да направи една орбита околу Сонцето, на овој објект му се потребни околу 25.000 години, во споредба со 365 дена колку што ѝ треба на Земјата.


Истражувачите наведуваат дека "2017 OF201" бил идентификуван врз основа на набљудувања направени со телескопи во Чиле и на Хаваи во текот на седум години.

„Потенцијално е доволно голем за да се квалификува како џуџеста планета. Неговата орбита е многу широка и ексцентрична, што укажува на интересна историја на орбитална миграција“, изјави Сихао Ченг, астрофизичар од Институтот за напредни студии во Принстон, Њу Џерси, кој ја водел студијата заедно со своите соработници Џијаѕуен Ли и Еритас Јанг, постдипломски студенти на Универзитетот Принстон.


Плутон, најголемата од џуџестите планети, има пречник од околу 2.377 километри. Масата на "2017 OF201" се проценува дека е околу 20.000 пати помала од масата на Земјата и 50 пати помала од масата на Плутон.

„Сè уште не го знаеме нејзиниот облик. За жал, таа е предалеку за да може да се набљудува со телескопи. Нејзиниот состав исто така е целосно непознат, но најверојатно е сличен со оној на другите мразовити тела“, додаде Ченг.