Да се биде во брак значи да се дели животот со некој посебен. Ново истражување од Иран покажува дека паровите, освен секојдневниот живот и емоциите, можат да ги споделуваат и бактериите од усната празнина, па дури и симптомите на менталното здравје. Со други зборови, љубовта може да биде позаразна отколку што мислевме – буквално!
Истражувањето спроведено на младенци во Иран откри интересна врска – кога еден од сопружниците страда од депресија или анксиозност, се менува составот на оралните бактерии кај другиот партнер, така што тој сè повеќе наликува на оној кај засегнатото лице. Како што се менуваат овие микроби, така се менуваат и расположението и моделите на спиење на инаку здрав партнер.
По само шест месеци брак, претходно здравите сопружници покажале значително повисоки стапки на депресија, анксиозност и проблеми со спиењето ако нивниот партнер имал она што истражувачите го нарекоа „депресиво-анксиозен фенотип“. Станува збор за модел што вклучува комбинација од депресија, анксиозност и несоница.
„Преносот на оралната микробиота помеѓу луѓето во близок контакт делумно посредува во развојот на симптомите на депресија и анксиозност“, заклучиле научниците во својот труд.
Истражувањето е објавено во списанието „Exploratory Research and Hypothesis in Medicine“, кое нагласува дека истражувањата кое ги објавува магазинот „не мора нужно да бидат сеопфатни и конечни, но дизајнот на студијата мора да биде цврст, методологиите мора да бидат сигурни, резултатите мора да бидат вистинити, а хипотезата мора да биде рационална и оправдана со докази“.
Како бактериите патуваат меѓу партнерите
Секој пат кога го бакнувате вашиот партнер, делите оброк или едноставно престојувате во истиот простор, разменувате милиони бактерии. Во повеќето случаи, оваа размена е безопасна – па дури и корисна за вашиот имунитет. Сепак, ова истражување сугерира дека токму по овој пат би можеле да „патуваат“ одредени ментални проблеми помеѓу блиските партнери.
Истражувачкиот тим, предводен од независниот научник Реза Растманеш, следел парови кои биле во брак просечно шест месеци. Во периодот помеѓу февруари и октомври 2024 година, тие регрутирале 1.740 парови од две приватни клиники за спиење во Техеран. Тие споредиле 268 здрави партнери со 268 партнери кои имале депресија, анксиозност и проблеми со сонот. И двете групи биле подложени на стандардизирани тестови за ментално здравје, им биле дадени примероци од плунка за мерење на хормоните на стрес, а бактериите од усната празнина им биле анализирани со помош на напредни техники за секвенционирање на ДНК.
На почетокот на студијата, здравите партнери имале нормални резултати на тестовите за депресија, анксиозност и квалитет на сонот. Но, по шест месеци живот со партнерот кој се бори со овие проблеми, нивните резултати значително се влошиле – тие сè уште не го достигнале нивото на нивниот партнер, но почнале да се движат во таа насока.
Уште поинтересно било што се случило со бактериите во усната празнина. Оралниот микробиом – заедницата на микроорганизми што живеат во нашите усти – кај здрави партнери почнала сè повеќе да личи на онаа на нивните депресивни и анксизони сопружници. Користејќи техника позната како линеарна дискриминантна анализа, научниците откриле дека одредени бактериски групи, како што се Clostridia, Veillonella, Bacillus и Lachnospiraceae, почнале да се појавуваат почесто кај двата партнера, пишува „Студи фајндс“ (Study Finds).
Овие бактерии не се случајни. Претходните истражувања ги поврзале токму овие микроорганизми со менталните нарушувања, вклучувајќи депресија, анксиозност и проблеми со сонот. Научниците веруваат дека овие бактерии можат да влијаат на мозокот со нарушување на крвно-мозочната бариера или преку таканаречената орално-микробиотска оска на мозокот – патот на комуникација помеѓу бактериите во устата и мозокот.
Жените се почувствителни
Се покажало дека жените се поподложни на овие промени од мажите. По шест месеци, сопругите имале поизразени симптоми на депресија, анксиозност и нарушувања на спиењето, а промените во нивниот орален микробиом биле поизразени отколку кај нивните машки партнери.
Како дел од истражувањето, се мерело и нивото на кортизол, хормон кој често се нарекува „хормон на стрес“, во плунката на учесниците. Здравите партнери кои биле во брак со луѓе кои страдаат од депресија и анксиозност покажале значително зголемување на нивото на кортизол во текот на шест месеци – што укажува дека нивниот систем за одговор на стрес бил активиран.
Оваа теорија за преносот на бактериите се надоврзува на досегашните истражувања кои покажуваат дека паровите се биолошки усогласени – нивните отчукувања на срцето можат да се синхронизираат во текот на разговорите, моделите на спиење често стануваат слични, а нивоата на кортизол следат сличен ритам во текот на денот. Ново во ова истражување е идејата дека менталните нарушувања, како што се депресијата и анксиозноста, може да се „пренесат“ преку размена на бактерии помеѓу партнерите.