Најновото инженерско чудо од работилницата на "Scuderia Cameron Glickenhaus" (SCG) доаѓа со респектабилно тркачко потекло.
Да беше лесно да се прават хиперавтомобили, сите ќе го правеа тоа — иако изгледа дека денес се појавуваат повеќе од кога било. Но, Џим Гликенхаус сака предизвици.
Поранешниот филмски режисер и колекционер на „Ferrari“, кој стана претприемач, Гликенхаус ја основа "SCG" во 2004 година со сонот да се натпреварува во Светскиот шампионат во издржливост на "FIA" (WEC).
Тој сон стана реалност во 2021 година, кога беше претставен "SCG 007 LMH" — специјално развиен тркачки автомобил за Ле Ман.
Моделот "007 LMH" постигна забележителни успеси на тркачките патеки – обезбеди пол-позиции во Монца и Спа Франкошам, и се искачи на подиумот и во Ле Ман и во Себринг.
Иако "SCG" во меѓувреме се повлече од "WEC", тоа им овозможи да се фокусираат на она што најмногу ги интересира купувачите: возила за јавни патишта. Запознајте го "SCG 007 s".
Овој модел е базиран на истиот автомобил што се натпреваруваше на некои од најпознатите трки во светот – Ле Ман, Монца, Себринг – но сега е целосно легален за секојдневно возење.
А под хаубата? Твин-турбо 6,2-литарски "V8" мотор со 1.000 коњски сили и 999 Nm вртежен момент, што ја пренесува силата на задните тркала преку 7-брзински автоматизиран менувач.
Вкупната тежина на возилото е само 1.550 килограми – приближно колку новата "Toyota Supra" за 2025 година.
Суспензијата е специјално развиена за трки како Ле Ман и може да се приспособи според патеката или стилот на возење.
Присутни се и централен навој на алуминиумските фелни – совршен за брзи замени на гуми, особено ако сакате да ставите тркачки слик гуми.
Аеродинамиката е речиси идентична со тркачкиот модел, со големи предни дифузери, вертикален стабилизатор и масивен заден спојлер.
Според "SCG", дури и со слик гуми, "007 s" може да вози „на граница на прилепување“.
Но, немојте да мислите дека "007 s" е прегруб за секојдневна употреба.
Има хидраулични врати за полесно влегување и излегување, систем за подигнување на предниот дел за избегнување на тротоари, па дури и „клима“.
Од компанијата велат: „Ова не е само улична реплика, туку ново видување на тоа што треба да претставува еден хиперавтомобил. Додека повеќето екстремни тркачки автомобили се мачат на јавните патишта, "007 s" е обликуван преку аеродинамична прецизност и илјадници тест-кружења – но се движи лесно и елегантно низ градскиот метеж и летните горештини.“
Светската премиера на "SCG 007 s" се одржа минатиот викенд на натпреварот за елеганција "Villa d’Este" на езерото Комо, Италија, а првите испораки за клиентите се очекуваат веќе годинава.
Цената сè уште не е објавена, но јасно е дека за ваков тркачки педигре ќе треба да се издвојат сериозни средства.