"BMW M4 CS Edition VR46" и официјално во производство – љубителите не прашуваат за цена

Точка

28/05/2025

15:48

618

Големина на фонт

а а а

"BMW" се пофали со успешното производство на специјалната лимитирана серија "M4" посветена на Валентино Роси.

Одделот "BMW M" уште во февруари го претстави ексклузивниот "BMW M4 CS Edition VR46", модел создаден во чест на големиот "MotoGP" шампион Валентино Роси. Особено е симболично што премиерата се совпадна со 46. роденден на Роси, кој тој го прослави токму во февруари.


Легендарниот број 46

„Il Dottore“ лично учествуваше во дизајнирањето на овој специјален "M4", кој го носи неговиот култен број 46 – број кој ја обележа неговата кариера и кој денес е официјално пензиониран од страна на организацијата "MotoGP".

Моделот се нуди во две варијанти – „Sport“ и „Style“, секоја ограничена на само 46 примероци. Sport-верзијата е во бојата "Marina Bay Blue metallic" со големи „46“ графики во "Tanzanite Blue metallic" и жолти акценти на решетката (М kidney grille), кочниците и алуминиумските тркала. Style-верзијата има "Frozen Tanzanite Blue metallic" мат-каросерија со „46“ ознаки во "Frozen Marina Bay Blue metallic" боја.


Потпис на карбонскиот покрив

Двете верзии развиваат 550 коњски сили и имаат карбонски покрив украсен со "VR46" логото и потписот на Роси. Секој автомобил е рачно доработен со комбинација од сериско производство и занаетчиски финиш во фабриката "BMW Group" во Динголфинг, од февруари до мај.

Додека последните примероци од оваа специјална серија веќе излегуваат од производните погони, за цената малку се зборува – според шпекулациите, таа надминува 150.000 евра.