Новото "Југо": Сè што досега знаеме за враќањето на легендата

Точка

26/05/2025

09:51

1.757

Големина на фонт

а а а

Легендарното "Југо" речиси три децении се произведуваше во Застава, станувајќи симбол на едно време. Денес, неговото враќање никогаш не било поблиску – еве што досега е познато.

Новот "Југо" е заеднички проект на Александар Бјелиќ од компанијата "Globo", кој ги откупи правата на името, и на графичкиот дизајнер Дарко Марчета.

Прототипот на новото "Југо" се очекува да биде прикажан на "Expo 2027" за две години, и моделот ќе биде во возна состојба. Сепак, и сега веќе имаме делумни информации и визуелни претстави.

На настанот "Car Design Event 2025" во Минхен неодамна беше претставен и првиот модел на концепт-возилото во размер 1:5. Како што изјави Марчета за „B92. net“, тој е развиван во последните четири месеци и не го претставува финалниот дизајн, бидејќи постојано се појавуваат нови идеи.


Ќе има и други верзии

Концептот сè уште нема официјално име, но изгледа одлично. Со две врати, компактни димензии, „кутиест“ профил и минималистички линии, новиот модел силно потсетува на оригиналниот "Југо", но со современи детали какви што се очекуваат од автомобил во 2025 година.

Во претходно интервју, Марчета нагласи дека ова нема да биде единствената верзија на "Југо":

„Нема да биде само овој "Југо" што го гледате на цртежите. Планираме и "Југо кабриолет", купе, па дури и ""SUV"“, најавува тој. Според него, глинениот модел во размер 1:5 е речиси завршен, додека за прототипот веќе се подготвуваат логистиката и техничките параметри.

Марчета дополнително истакна дека не треба да се отфрли ниту можноста за враќање на новиот „Стоеден“ (Застава 101):

„Ќе има и "Стоеден". Не сме се откажале од него“, уверува тој.


Мануелен или автоматски? И двете

Што се однесува до модерната интерпретација на овој автомобил, најавени се верзии со атмосферски и турбобензински мотори, а се размислува и за електричен погон. Според моменталните информации, купувачите ќе можат да изберат меѓу рачен и автоматски менувач.

Ако новото "Југо" навистина влезе во сериско производство, што компанијата планира да го оствари во следните две години, ќе се натпреварува во европскиот сегмент на мали хечбек автомобили, со модели како "Citroën C3", "Renault Clio" и "Volkswagen Polo".

Сè уште е рано да се зборува за цената на новото "Југо", но доколку производителите сакаат да бидат конкурентни со споменатите модели, се очекува цената да биде под 20.000 евра, доколку тоа биде изводливо.