Во кината на 25 мај 1979 година пристигнал „Осмиот патник“, британско-американски, научно-фантастичен хорор од режисерот Ридли Скот којшто ги редефинирал и двата жанрови.
Со култната реченица: „Во вселената никој не може да го слушне твојот вресок“, филмот создал атмосфера на страв каква дотогаш не била видена на големото платно.
Приказната
Филмот ја следи посадата на вселенскиот брод Ностромо која одговара на мистериозен сигнал од напуштени планети. Она што ќе го откријат таму е смртоносен облик на живот којшто се развива во внатрешноста на телото на домаќинот, а токму таа приказна станува една од најпрепознатливите и најстрашни создадени во историјата на филмот.
Актерска екипа и главни ликови
Филмот ја претставил тогаш релативно непознатата Сигурни Вивер како Елен Рипли, улога која станала симбол за силна и способна хероина и ѝ донесе статус на филмска икона.
Покрај неа во филмот се појавуваат: Том Скерит како капетан Далас, Вероника Картврајт како Ламберт, Џон Хурт како Кејн, Хари Дин Стантон како Брет, Иан Холм како Еш, Јафет Кото како Паркер.
Филмот освоил Оскар за најдобри визуелни ефекти, три награди Сатурн (вклучувајќи ја и наградата за најдобар SF филм и најдобра режија) и Хуго награда за најдобра драмска презентација.
Во 2002 година филмот бил сместен и во Националниот филмски регистар на САД поради своето културно и историско значење.
Културно влијание
„Alien“ не бил само хорор, бил филмска револуција. Комбинација е на клаустофобија и вонземјански хорор, со визуелно фантастичен дизајн и иновативна приказна на женски протагонист во жанрот SF. Рипли станала пример за многу од хероините кои дошле подоцна.
Франшизата се проширила и надвор од филмовите, низ стрипови, видеоигри, романи и најави на идни продолженија со што „Осмиот патник“ и денес е значајно присутен дел од поп културата.
Ридли Скот најавил работа на нови проекти во рамките на тој универзум, вклучувајќи и играна серија во продукција на „FX“.
Од моментот кога посадата на „Ностромо“ првпат наишла на непознатото зло во вселената, „Oсмиот патник“ го добил своето место во историјата на филмот како еден од најстрашните, најиновативни и највлијателни остварувања некогаш снимени.