Сулејман Величествениот осуден за „обид за соборување на турската влада“

Точка

27/05/2025

14:02

2.268

Големина на фонт

а а а

Познатиот турски актер Халит Ергенч е осуден на условна затворска казна поради лажно сведочење во врска со организирањето на протестите во паркот Гези во 2013 година.

Според турските медиуми, судот во Истанбул го осуди Ергенч на затворска казна поради „обид за соборување на турската влада“ и „попречување на нејзините функции“.

Тој ги негира обвиненијата

Постапката била започната откако обвинителите ги повикале Ергенч и актерот Риза Коџаоглу на ново сослушување поврзано со познатата агентка за таленти Ајше Барим, која е во притвор од јануари под обвинение за обид за соборување на турската влада.


Барим наводно им наложила на актерите што ги застапувала јавно да ги поддржат протестите во паркот Гези. За време на судењето, Ергенч тврдел дека не бил во контакт со организаторите на протестот, вклучувајќи ги Мемет Алабора и Ајше Барим. Но, истражителите пронашле докази што укажуваат на неговата поврзаност со нив, како и снимки што го потврдуваат неговото присуство на протестите.

Пресудата предизвика меѓународна осуда

Ергенч е осуден на 1 година, 10 месеци и 15 дена затвор, додека Коџаоглу доби казна од 1 година и 8 месеци. Сепак, судот го одложи објавувањето на пресудата, што значи дека казните нема да бидат спроведени освен ако двајцата не сторат ново кривично дело.


Актерите ги негираа обвиненијата и побараа ослободителна пресуда за време на сослушувањето. Пресудата предизвика меѓународна осуда, а организации како што е Амнести Интернешнл бараат да се отфрлат обвиненијата и да се ослободат сите затвореници поврзани со протестите во паркот Гези.


Ергенч е еден од најпочитуваните турски актери, а светската популарност ја стекна со улогите во сериите „Илјада и една ноќ“ и „Сулејман Величествениот“.

Големи протести во Турција

Инаку протестите во паркот Гези започнаа во мај 2013 година како мирен отпор против уривањето на паркот во Истанбул поради изградба на трговски центар, но набрзо се претворија во пошироки антивладини демонстрации против тогашниот премиер Реџеп Таип Ердоган.


Илјадници граѓани излегоа на улиците низ цела Турција, протестирајќи против авторитарното владеење, ограничувањата на слободата на медиумите и полициското насилство. Властите одговорија на протестите со сила, што резултираше со бројни повреди, апсења и меѓународна осуда за кршење на човековите права.