[ВИДЕО] Каква сцена: Ѓоковиќ, Федерер и Мареј се појавија на збогувањето на Надал, тој во солзи одржа говор за сите времиња

Макфакс

25/05/2025

20:09

1.060

Големина на фонт

а а а

Многу емоции беа видени денес на Ролан Гарос, каде на Филип Шатрије беше приредено простување за Рафаел Надал, кој со солзи се прости од навивачите на турнирот каде што освои неверојатни 14 трофеи.

Организаторите приредија големо изненадување за Надал, на кого му ги доведоа неговите најголеми ривали. Во еден момент на теренот се најдоа Новак Ѓоковиќ, Федерер и Енди Мареј – таканаречената голема четворка од најдобрите времиња на тенисот во историјата. Сцената за сите времиња се случи на Филип Шатрије, каде што порано водеа исцрпувачки битки што влегоа во историјата, а сега пријателски разговараа, се гушкаа и се шегуваа.


Надал не можеше да ги сокрие солзите, а многу емоции имаше и на лицата на неговите ривали – Новак Ѓоковиќ во еден момент беше видно трогнат од емотивниот говор на Надал, иако се обидуваше да се шегува и да го расположи, што во еден момент и успеа.


„Знаете, по сите овие години, борејќи се за сè, неверојатно е како времето ја менува перспективата за сè. Новак и Роџер знаат, му кажав и на Роџер – колку нерви, притисок, тие чудни чувства кога си ривал, а како сето тоа станува поинакво кога ќе ја завршиш кариерата. Треба да бидеш среќен со она што си го постигнал. Сон е тоа што успеавме да го направиме во кариерата. Успеавме, покажавме дека можеме да се бориме, но истовремено и да се почитуваме еден со друг.

За мене, многу ми значи што сте тука сите. И Давид е тука. Ми приредивте толку многу тешки моменти на теренот, токму поради вас секој ден се трудевав до максимум. Тенисот на крајот е само игра. Ние разбираме, на крајот на денот, тоа е само игра. Многу ми значи пораката што можеме да ја испратиме до светот – дека сме големи пријатели, иако бевме големи ривали.


Ви благодарам на сите за сè овие години. Се надевам и сигурен сум дека ќе продолжиме да правиме позитивни работи за нашиот спорт, дека ќе продолжиме да работиме. Ви благодарам за сè и сè најдобро,“ – порача емотивниот Надал.