Аликанте, кој со години се смета за една од најдобрите туристички дестинации во Шпанија, пред неколку дена беше најнепријатното место за туристите.
Градот стана мета на критики кога туристите го изразија своето разочарување откако неодамна наидоа на куп мртви стаорци на плажата помеѓу Коко, Урбанова и школата за едрење „Real Club de Regatas“. Глодарите лебделе во водата и лежеле расфрлани по плажата, предизвикувајќи згрозување кај посетителите.
Истовремено, на само 500 метри оддалеченост, се одржувал триатлон, каде што учесниците се натпреварувале во три спортски дисциплини: пливање, возење велосипед и трчање, а на настанот присуствуваа над 1.200 луѓе. Меѓутоа, мртвите стаорци им предизвикале непријатност и гадење. Непријатните фотографии и снимки брзо се проширија на социјалните мрежи предизвикувајќи лавина коментари.
Властите во Аликанте веднаш ја коментираа оваа ситуација, информирајќи дека непријатниот инцидент се случил по обилните дождови кои го зафатија градот, предизвикувајќи привремени оштетувања на канализацискиот систем. Локалните медиуми известија дека во некои делови од градот наврнале повеќе од 40 литри дожд на квадратен метар за само еден час. Пренатрупаната санитарна инфраструктура не можела да се носи со обемот на вода, што довело до разлевање на отпад, вклучувајќи и мртви глодари, кои се појавиле во морето.
Трини Аморос, заменик-портпаролка на социјалистичката советничка група, не го криеше своето негодување од ситуацијата, посочувајќи на недостатокот на контрола и соодветно чистење на каналите.
„Аликанте не може да си дозволи стаорци кои пловат во морето, во плитките води и на плажата. Овој проблем не само што има негативен ефект врз нашиот туристички имиџ, туку и врз жителите на Аликанте кои ги користат капалиштата“, коментираше таа и апелираше до градските власти да преземат итни мерки за да спречат слични инциденти во иднина.