Сличностите меѓу Португалија и Калифорнија се изненадувачки – од климата и плажите, па сè до пејзажите, а иако физички се оддалечени една од друга – Португалија и Калифорнија делат исклучителни природни и културни карактеристики.
Она што привлекува многу странци во Португалија е благата клима во текот на целата година – заедничка карактеристика што ја дели со Калифорнија, пишува „ourhomeportugal.com“.
Климата е релативно слична, но Португалија има повеќе сончеви часови годишно од Калифорнија, а зимите се малку поблаги. Како и Калифорнија, Португалија е дом на прекрасни планински пејзажи и други природни убавини кои се карактеристични за медитеранскиот регион.
Градовите како Лисабон и Порто делуваат како европски колеги на калифорниските метрополи. Двата града имаат различно население, богата урбана култура и жив ноќен живот – што ги прави космополитски центри слични на оние во Калифорнија. Лисабон е особено динамичен град кој ги комбинира традиционалниот шарм и современиот западен животен стил. Исто така, Португалија нуди бројни пространи плажи кои привлекуваат сурфери од целиот свет.
Алгарве многумина го нарекуваат европската Калифорнија
Може да се добие впечаток дека Јужна Калифорнија и Алгарве се „направени од ист материјал“. Алгарве, кој се наоѓа на југот на Португалија, има многу заедничко со Јужна Калифорнија, особено кога станува збор за прекрасните, пространи крајбрежја.
Искрено говорејќи, многумина сметаат дека Алгарве има уште поубаво крајбрежје, иако и Калифорнија импресионира со своите плажи. Двете дестинации се познати по одличните услови за сурфање и привлекуваат некои од најдобрите сурфери во светот. За нивната привлечност придонесуваат топлата и пријатна клима, благиот морски ветар и волшебните плажи.
Лисабон и мостот Голден Гејт
Доколку сето горенаведено не е доволно, треба да се спомене дека Лисабон има свој мост – црвено обоен висечки мост над реката Тагус, кој неодоливо потсетува на познатата Голден Гејт во Сан Франциско. Иако не се идентични, сличноста е доволно впечатлива за да поттикне споредба.
Затоа многумина и велат дека Португалија е „Калифорнија на Европа“.
Трошоци за живот: Калифорнија vs Португалија
Иако имаат многу сличности, Калифорнија и Португалија драстично се разликуваат кога се во прашање трошоците за живот. Една од главните причини зошто многумина избираат да се преселат во Португалија е попристапниот начин на живот.
За оние кои се навикнати на американските цени, живеењето во Португалија може да изгледа исклучително прифатливо. Она што изненадува е што пониските цени не значат понизок квалитет на живот.
Според статистичките податоци, Лисабон е дури 28% поевтин од просечните локации во Калифорнија – индексот на трошоците на животот е 51,23 за Лисабон и 79,71 за Калифорнија. Цените на киријата и храната се за 86,7% и 92% повисоки во Калифорнија отколку во Лисабон.
Квалитет на живот – повеќе од прекрасни пејзажи
Квалитетот на животот не зависи само од времето и добрата храна. Безбедноста, образованието, здравствената заштита и менталната благосостојба се клучни фактори. И Португалија и Калифорнија нудат добри услови за живот – развиени здравствени и образовни системи, паркови и рекреативни објекти, како и пријатна клима.
А цените? Ова е една од омилените дестинации за одмор на Британците и неодамна беше прогласена за една од најевтините туристички области. Како што објави британскиот весник „Мирор“, извештајот на британската поштенска служба за 2024 година покажа дека цените на оброците и другите туристички активности паднале во повеќе од 60 отсто од одморалиштата и градовите што ги истражувале.
Регионот Алгарве во Португалија е рангиран како најевтин меѓу 15-те испитани европски дестинации, пред Турција и Бугарија. Извештајот покажа дека од сите истражувани дестинации, Алгарве имал најевтино кафе од 1,05 евра (60 денари) и вино од 2,10 евра.