Меѓу сè поголемата побарувачка за апликации со вештачка интелигенција, постојано вклучени екрани и чипови гладни за енергија, дури и најефикасните телефони тешко издржуваат до крајот на денот.
Производителите се трудат да ја оптимизираат потрошувачката на енергија — веќе гледаме рано воведување на силициум-карбонски батерии, попаметен софтвер за управување со напојувањето и побрзи системи за полнење што овозможуваат подолго користење на телефонот „во еден здив“.
Сепак, доколку не внимавате на начинот на кој го користите телефонот, ниту една иновација нема да ве спаси од попладневната паника кога ќе ви се испразни батеријата.
Како да го извлечете максимумот од батеријата — без разлика каков телефон користите?
Се покажува дека неколку едноставни приспособувања може да направат огромна разлика.
Најголемите непријатели на батеријата често се апликациите кои воопшто не ги гледате. Социјалните мрежи, фитнес-тракерите, па дури и тастатурата, тивко ја црпат батеријата во позадина. Проверете ја статистиката за потрошувачка на батерија (Поставки > Батерија) и идентификувајте што најмногу троши енергија. Исклучете ја позадинската активност за сите апликации што не се неопходни.
Исто така, внимавајте на автоматските синхронизации, како што се "Gmail", календари или "cloud" услуги. Ако телефонот вибрира на секои пет минути поради некое ново ажурирање — тоа е знак дека енергијата се троши и кога не го користите активно. Намалете ја фреквенцијата на синхронизација или целосно исклучете ја за помалку важни апликации.
Преземете контрола врз екранот
Најголем потрошувач на батерија најчесто е екранот. Кај уредите со "AMOLED" панели, неговата потрошувачка може да надмине 50% од вкупната енергија. Наместо рачно, користете автоматско прилагодување на осветлувањето, за системот сам да се оптимизира според реалните услови на светлина.
Иако 120 Hz освежување изгледа одлично, ако не играте игри или гледате видеа со висок фрејмрејт, поставете го на 60 Hz — со тоа може да добиете неколку часа повеќе траење на батеријата.
Темниот режим не е само естетика. Кај "OLED" екрани, тој штеди енергија со исклучување на поединечни пиксели. Користењето вистинска црна позадина и темни теми низ целиот систем носи дополнителна ефикасност, пренесува "Gizmochina".
Прифатете попаметни навики за полнење
Повеќето современи телефони имаат некаков облик на заштита на батеријата — било да е тоа „Оптимизирано полнење“ кај "iPhone" или „Заштита на батеријата“ кај "Samsung" и "Pixel" уреди. Овие системи го одложуваат полнењето над 80 – 85% додека реално не ви затреба полна батерија, што го продолжува векот на батеријата. Проверете дали оваа опција е вклучена.
Безжичното полнење и споделувањето енергија се практични, но и нешто помалку ефикасни. Дома или на работна маса, користете кабел. Ако не сте во брзање, избегнувајте постојано брзо полнење. Добро е за итни ситуации, но побавното полнење создава помалку топлина и помалку ја оштетува батеријата со тек на време.
"AI" функции vs. енергетска ефикасност
Со се повеќе "AI" функции што се извршуваат локално — како гласовни асистенти, транскрипции во реално време или препознавање објекти — денешните телефони балансираат меѓу перформанси и издржливост. Многу нови "Android" интерфејси сега вклучуваат режими како „AI батерија“ или „Адаптивна батерија“ кои учат како ги користите апликациите и автоматски ја ограничуваат енергијата за оние што ретко ги отворате.
Не ги занемарувајте овие функции — тие работат тивко во позадина за да ви ја продолжат батеријата, без вие да мрднете со прст.