Монети од морското дно помогнаа во идентификацијата на славната шпанска галија

Точка

11/06/2025

20:25

2.955

Големина на фонт

а а а

Во 1708 година, британските сили ја потопиле шпанската галија — голем воен и трговски брод кој се користел од 15 до 17 век — во близина на брегот на денешна Колумбија.

Повеќе од три века подоцна, нејзиниот товар, меѓу кој и златни парички, ѝ помогна на научната заедница конечно да го потврди идентитетот на остатоците од бродот.

Една од најзначајните трговски формации на шпанската католичка монархија

Тим истражувачи и морнарички офицери користел беспилотно подводно возило управувано од далечина за да го проучи 18-вековниот бродолом, кој колумбиската влада го откри во 2015 година. Во текот на истражувањето биле пронајдени парички кои дополнително упатуваат на тоа дека станува збор за одамна изгубената галија „Сан Хосе“, нагласувајќи ја вредноста на кованите пари како временски маркери во поморската археологија.

„Флотата Тиера Фирме, предводена од галијата ’Сан Хосе‘, имала ексклузивен монопол на транспортот на кралското богатство меѓу Јужна Америка и Иберискиот Полуостров“, објаснува Даниела Варгас Ариса, главна авторка на студијата објавена на почетокот од неделата во списанието "Antiquity". Варгас Ариса е археолог поврзан со Морнаричката кадетска академија „Алмиранте Падиља“ и Колумбискиот институт за антропологија и историја.

Според соопштението, оваа флота била една од најзначајните трговски мрежи на шпанската (католичка) монархија, која од 16 до 18 век транспортирала кралски товар од американскиот континент. Токму тоа води до настанот од 1708 година, кога историските извори бележат дека Британците ја потопиле тешко натоварената „Сан Хосе“ во водите на денешна Колумбија.


Паричките биле клучниот доказ

Најважниот доказ, без сомнение, доаѓа од високо деталните снимки на паричките расфрлани по морското дно, направени од подводното возило. Варгас Ариса и нејзините колеги користеле 3D моделирање за подетална анализа на површините на паричките. Таквиот пристап, заедно со другите наоди, открива дека паричките биле ковани во 1707 година во Лима, денешниот главен град на Перу — што значи дека бродот можел да потоне дури по таа година.

„Паричките се клучни археолошки артефакти за датирање и разбирање на материјалната култура, особено во контекст на бродоломи“, наведуваат истражувачите во студијата. „Таквите наоѓалишта се непроценливи извори на историски податоци, особено кога станува збор за настани поврзани со флотата Тиера Фирме“, додаваат тие. Рачно кованите парички со неправилна форма, според нив, биле „главна валута во Америка повеќе од два века.“


Што прикажуваат паричките?

На паричките се прикажани симболи поврзани со круната на Кастиља (кралство што во 15 и 16 век ја обединило Шпанија) и Леон (средновековно кралство што во 1230 година се обединило со Кастиља), што дополнително ја поткрепува претпоставката дека станува збор за шпански брод. На опачината се прикажани симболи поврзани со Херкул и кованието во Лима. Историските записи, исто така, ги поврзуваат овие парички со пратката богатство од Перу во 1707 година, при што „Сан Хосе“ ја доживеала својата трагична судбина.

„Овие податоци силно ја поткрепуваат идентификацијата на остатоците како галијата ’Сан Хосе‘, хипотеза која првпат беше предложена во 2015 година“, заклучуваат авторите во студијата.

Студијата потврдува дека паричките, како и слоевите керамика во археолошките ископувања, претставуваат веродостојни временски маркери — одрази на конкретна култура и момент во историјата.