На автопатот А45 во близина на Ринсдорф, Германија, сегмент од мост тежок 40.000 тони беше успешно поместен со милиметарска прецизност, додека сообраќајот се одвивал непречено низ веќе завршената половина од мостот.
Во текот на претходните недели, шесте потпорни столбови на мостот, секој висок 70 метри, беа подигнати за околу два сантиметри. Под нив беа поставени тефлонски плочи, кои служеа како лизгачки лежишта. Со помош на специјални мазива и моќни хидраулични преси, целиот мост бил поместен како по шини. На овој начин, отпорот на триење беше драстично намален, објавува германскиот медиум Тагешау.
Претставниците на Сојузното министерство за транспорт истакнаа дека овој градежен проект е преседан. Имено, на овој начин би можеле да се реконструираат и други постари мостови. Ова би заштедило време и, пред сè, пари. Сепак, условите би требало да се оценуваат поединечно, бидејќи во некои случаи, на пример, нема доволно простор.
Ваков метод досега не е виден во Германија, а особено не на автопат кој е толку фреквентен, нагласуваат властите. А45 е еден од најважните патишта север-југ во земјата, а околу 60.000 возила, вклучувајќи голем број камиони, секојдневно поминуваат низ него.
Патем, Германија се соочува со криза со мостовата инфраструктура, а повеќе од 60 мостови чекаат да бидат заменети.
Работите на мостот Ринсдорф траат веќе осум години: прво била изградена половина од новиот мост, старата била срушена, а потоа била завршена втората половина. Конечното поместување беше направено на почетокот од јуни. За разлика од вијадуктот Рахмеде, каде што сообраќајот беше затворен повеќе од три години, сообраќајот во Ринсдорф не беше прекинат, со што беа избегнати сообраќајни метежи во областа Рур.
Новата влада ветува дека ќе ги забрза сличните проекти за решавање на инфраструктурната криза.