Извршниот директор на шведската компанија "Klarna", Себастијан Семијатковски, го изнесе своето гледиште за состојбата на пазарот.
Во изминатите неколку недели, директори на неколку технолошки компании повеќепати предупредија на опасностите од вештачката интелигенција – пред сè на нејзиното потенцијално негативно влијание врз пазарот на труд. Отказите поради "AI" не се мит – тие веќе се случуваат во компании ширум светот, и може да се претпостави дека имплементацијата на оваа технологија, паралелно со отпуштањата или замрзнувањето на вработувањата, ќе продолжи и во иднина.
На тоа неодамна предупреди и Даниел Амодеи, поранешен вработен во "OpenAI" и актуелен директор на "Anthropic AI", кој ги повика политичарите и директорите да не ја разубавуваат моменталната состојба, бидејќи пазарот на труд, како што рече, се соочува со „крвопролевање“. Најпогодени ќе бидат т.н. „white collar“ позиции – административни, канцелариски и интелектуални работни места – каде што "AI", особено за почетнички позиции, би можела да елиминира и до половина од работните места.
За жал, не гледам како би можеле да го избегнеме тоа
Не се загрозени само почетничките, туку речиси сите позиции. Како што предупреди и извршниот директор на "Klarna" во еден поткаст минатата недела, тоа може да доведе до рецесија. Според него, намалувањето на бројот на вработени – од административни позиции, преку сметководители, до ИТ стручњаци – обично предизвикува рецесија, што, според него, нè очекува и сега.
„За жал, не гледам како тоа би можело да се избегне, гледајќи од технолошка перспектива“, изјави Себастијан Семијатковски.
Дека "AI" може да ги замени луѓето, но и дека луѓето сè уште се посоодветна работна сила, покажува токму примерот на неговата компанија. "Klarna" почна интензивно да ја користи оваа технологија, а Семијатковски првично се пофали дека нивните "AI"-четботови можат да ја завршат работата на дури 700 луѓе – поради што започнале да отпуштаат и престанале со нови вработувања, што доведе до значително намалување на бројот на вработени.
Сепак, неодамна го смени мислењето – истакнувајќи дека нивото на задоволство кај клиентите со "AI" не е на потребното ниво, па компанијата повторно ќе се сврти кон луѓето. Иако "AI" и понатаму ќе одговара на дел од прашањата, Семијатковски нагласи дека за оние кои сакаат човечко искуство во корисничката поддршка – вработените на "Klarna" ќе останат достапни.
Дополнително, најави дека ќе користат луѓе како дел од т.н. „VIP корисничка поддршка“ – односно, корисниците кои ќе плаќаат повеќе, ќе имаат можност да разговараат со вистински вработени наместо со вештачка интелигенција.
Додека многумина се песимисти, а Семијатковски вели дека сака да биде искрен и да зборува отворено за да може општеството навреме да се подготви, некои – како Сундар Пичај – се доста оптимистички. Директорот на "Alphabet" и "Google" верува дека нема причина за страв од откази поради "AI", бидејќи оваа технологија, според него, всушност ќе ја зголеми побарувачката за работна сила.