Раниери бесен за поништениот пенал на Рома: Правилата се менуваат секое коло

Дерби

13/05/2025

11:52

170

Големина на фонт

а а а

Рома го претрпе првиот пораз во Серија А по 15-ти декември и истиот дојде во најлошо можно време, односно во ситуација кога „волчицата“ можеше да избие на четвртата позиција на табелата после ремито меѓу Јувентус и Лацио.

Тимот на Клаудио Раниери ја почувствува горчината на поразот по 19 натпревари во италијанската елита, но иако Аталанта беше за нијанса подобра, ова дерби донесе и еден контроверзен момент, и тоа при резултат 1:1.

Главниот судија Симоне Соца покажа на белата точка по контактот кој го имаа Пашалиќ и Коне, па иако во ситуации кога има контакт се препорачува да остане на сила одлуката која е донесена на теренот, овојпат тоа правило не беше целосно испочитувано.

Луѓето во ВАР собата очигледно сметаа дека Коне самиот изнудува контакт од Пашалиќ, па на крајот го убедија Соца да ја промени својата одлука и да го поништи пеналот.

– Сакам да ги запрашам сите технички експерти само едно прашање: Дали знаат што е пенал? Дали тоа беше пенал и дали беше ситуација 60-40? Ни беше кажано дека ВАР ќе интервенира само кога има чиста и очигледна грешка. Ние пред наши очи видовме дека Пашалиќ го промаши стартот, ја подметна ногата и се судри со нашиот фудбалер.

– ВАР не треба да реагира во вакви ситуации. Главниот судија досуди пенал и таа одлука не требаше да се менува. Правилата се менуваат секое коло, секој судија си има свој критериум и нема никаков континуитет во одлуките. Разочарувачки е да се види каков е судискиот континуитет во нашата лига.

– Се гледа дека има контакт, а во таква ситуација, последна треба да биде одлуката на судијата. Луѓето од ВАР воопшто не требаше да се мешаат, – изјави Раниери по поразот од 2:1.