Новоформираната ММА Федерација на Македонија планира да отпочне со крупни чекори кон промовира на боречките вештини во нашата земја, а на официјалната средба која денеска се одржа со новинарите, водечките луѓе најавија турнир кој треба да биде голем спектакл.
ММА Федерацијата соопшти дека на 6-ти септември ќе се одржи првиот голем ММА турнир во Скопје, а целта е дел од настанот во улога на промотор да биде и големиот шампион со македонско потекло, Александар Волкановски.
Организацијата се уште треба да се допрецизира и допрва ќе се одлучи во која сала ќе се одржат борбите, но новитет е тоа што истиот ќе биде емитуван и на каналот „Арена Фајт“.
– Ова ќе биде голем настан за нашата земја. Македонските шампиони во континуитет се подготвуваат и верувам дека ќе покажат квалитет. Очекуваме да дојдат врвни борци од ММА. Ја имаме поддршката од Министерството за спорт и допрва ќе решиме во која сала ќе се одржат борбите. Овој голем настан ќе биде емитуван и на Арена Фајт, – изјави Ивица Алексовски, претседател на Македонската ММА федерација.
Дел од прес-конференцијата секако беше и Министерот за спорт, Борко Ристовски, кој на присутните новинари им соопшти дека ќе се заложи за обезбедување на специјално присуство во Скопје, односно она на светски познатиот борец и неколкукратен шампион, Александар „Велики“ Волкановски.
ММА спектаклот во Скопје ќе биде одбележан од 12 или 13 борби, а дел од случувањето ќе биде познатиот македонски борец Гого Славески, но и Даниела Алексовска која освои златен медал на последното Европско ММА првенство во Белград.