Гигс именуваше двајца фудбалери по кои треба да тргне Аморим: Потребни се десет нови играчи, но…

Дерби

13/05/2025

14:19

518

Големина на фонт

а а а

Манчестер Јунајтед потфрли на многу делови од теренот оваа сезона која е историски лоша за великанот од „Олд Трафорд“, па самиот Рубен Аморим најави дека ќе следат огромни промени претстојново лето, започнувајќи со промена на играчкиот кадар, но и со менување на менталитетот на фудбалерите кои ќе останат во првиот тим.

Португалскиот стручњак по поразот од Вест Хем посочи дека и самиот тој ќе игра за својата иднина како менаџер на Јунајтед на стартот на наредната сезона, бидејќи како што вели самиот, голем клуб како Манчестер не смее да си дозволи уште една срамна кампања како оваа што полека привршува.

Фановите на Манчестер Јунајтед сметаат дека актуелниот тим треба да добие десет нови фудбалери за да има некаков напредок, па иако со тој став се согласува Рајан Гигс, сепак легендарното крило потенцира дека треба да се биде реален и прво да се реши големиот проблем во нападот со играчи како Лиам Делап и Матеус Куња.

– Мислам дека Делап и Куња би го подобриле овој тим на Јунајтед, двајцата имаат искуство во Премиер лигата и тоа е огромен плус. Домашната форма на Јунајтед е загрижувачка, а овие двајца напаѓачи покажаа дека знаат да даваат голови. Станува збор за напаѓачи кои можат да донесат возбуда и кај фановите, – изјави Гигс.

Делап постигна 12 погодоци во тековната натпреварувачка сезона како член на Ипсвич, додека Куња има три повеќе како лидер во нападот на Вулверхемптон.

– Се согласувам со фановите кои велат дека ни се потребни десет играчи. Потребни ни се девет или десет нови играчи, но јасно е дека нема да ги добиеме сите во еден преоден рок. На Јунајтед потребни му се напаѓи и тоа треба да биде приоритет. Не може Јунајтед да има само еден напаѓач, ние во минатото имавме по тројца или четворица добри напаѓачи, – вели Гигс.