Првиот човек на ФФМ провери како тече работата на стадионот во Битола, треба да се исполни условот на УЕФА

Макфакс

12/05/2025

16:39

294

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Масар Омерагиќ, заедно со претставници од ФФМ, денес ја посетија Битола и извршија увид во состојбата на стадионот „Петар Милошевски“, со цел да се исполнат условите на УЕФА, за одигрување на меѓународен натпревар за селекциите до 21 година, помеѓу Македонија и Италија.

За одигрување на ваков натпревар од меѓународен ранг, потребно е да се извршат подготовки и да се исполнат критериуми за добивање на лиценца од комисија на УЕФА.

Градоначалникот Тони Коњановски и претседателот Масар Омерагиќ, разговараа околу подготовките и преземањето на обврските од страна на општината и од ФФМ, со цел Битола да биде претставена во најдобро светло.

На 9 септември, Битола треба да биде домаќин на натпреварот Македонија – Италија, за фудбалери до 21 година. По увидот на терен, претседателот на ФФМ, ја посети општина Битола, каде што со градоначалникот разговараа за успесите во спортот на битолските екипи, успесите во училишниот спорт и условите за развој на училишниот спорт, во кои општината постојано инвестира.

Градоначалникот посочи дека на последниот јавен повик од страна на Владата, општината аплицираше за изградба на 3 спортски училишни сали и 9 спортски игралишта во училиштата. Во знак на добрата соработка, Омерагиќ му подари на градоначалникот Коњановски репрезентативен фудбалски дрес со негово име, кое го носи бројот 9.